Никогаш нема да го заборавиме: Поминаа 12 години од смртта на Тоше

Поминаа 12 години од денот кога цела Македонија, но и Балканот, се разбудија слушајќи ги шокирачките вести – Тоше Проески загина во сообраќајна несреќа во Хрватска.

Часовите минеа, луѓето чекаа некој да ја демантира оваа вест, но официјални потврди доаѓаа од повеќе страни. Тоше загина во трагична сообраќајка кај Нова Градишка, кога неговото возило удри во приколка од камион, а потоа влета во заштитната ограда.

Возачот на автомобилот беше потешко повреден, додека менаџерката Лилјана Петровиќ помина со помали повреди. Но, никој и ништо не можеше да ги запре солзите на целата нација, која тагуваше по својот миленик. Тоше загина на патот кон создавање светска кариера, само 11 денови по големиот концерт на преполниот Градски стадион во Скопје.

Во текот на својата кариера тој соработуваше со многу македонски и балкански музичари, продуценти и композитори. Првиот албум го издаде во 1999 година, со наслов „Некаде во ноќта“, по што следеше незаборавниот концерт под дожд на скопското лизгалиште.

Во вториот албум, „Синот божји“ се најдоа незаборавни нумери, како „Немир“ во дует со Каролина, „Во коси да ти спијам“, „Тајно моја“, „Казна божја си ти“…

Интересот за Тоше почна да се проширува и во соседните земји. Третиот албум „Ако ме погледнеш во очи“, кој беше снимен во Атина, доби и македонска и српска верзија. Во 2003 година тој победи на Беовизија со хитот „Чија си“.

Во 2004 година Тоше ја претставуваше Македонија на Евровизија со песната „Ангел си ти“, односно „Life“ во англиската верзија и го освои 14-то место. Сите песни меѓу кои се бираше победник за претставник на Евровизија се најдоа во двојниот албум „Ден за нас“.

Петтиот студиски албум на Тоше носи наслов „По тебе“, кој исто така е снимен и на македонски и на српски јазик. Албумот „Божилак“ е компилација од препеви на македонски народни песни. Долгоочекуваниот „Игри без граници“ излезе во 2007 година.

Со својата работа и концертите, тој беше посветен на подобрување на условите за живот и образование на децата, сиромашните и сите оние на кои им е потребна помош. Во 2004 стана амбасадор на добрата волја на УНИЦЕФ, а за тие потреби ја сними песната „За овој свет“, која доби и англиска верзија.

Некои од песните, освен на српски и хрватски, ги препеа и на словенечки јазик, поради тоа што стана популарен и на територија на Словенија, каде одржа и неколку големи концерти.

Тоше имаше само 26 години кога загина во кобната сообраќајка. Денот на неговиот погреб, 17 октомври, беше прогласен за ден на национална жалост. На неговиот погреб присуствуваше тогашниот државен врв, на чело со експремиерот Никола Груевски, делегации од Собранието и претставници на политичките партии. Говор одржа и Весна Петрушевска, која го поддржуваше Тоше уште од самиот почеток на кариерата. Последна почит му оддадоа и ѕвезди од Македонија и Балканот, меѓу кои и Калиопи, Адријан Гаџа, Весна Гиновска-Илкова, како и Аки Рахимовски, Тони Цетински, Жељко Јоксимовиќ, Светлана Ражњатовиќ – Цеца и многу други.

Постхумно, неговата навивачка „Македонија навива за нас“ победи на изборот за нова македонска спортска химна. На промоцијата на песните, неговата беше пуштена на плејбек, а на сцената остана само микрофонот.

Освен во Македонија и на Балканот, веста за смртта на Тоше ја пренесоа многу агенции и медиумски куќи низ светот.

По неговата смрт, издадени се постхумните албуми „The Hardest Thing“, „Тоше и пријателите – Се уште сонувам дека сме заедно“ и „Secret Place“.

Во негова чест, од 9 април оваа година, Градскиот стадион го промени името од „Филип Втори“ во Национална арена „Тоше Проески“. Одлуката беше донесена на редовната владина седница, во чест на личноста која остави траен белег на македонската и регионалната современа историја.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

e