Пејачката Елена Ристеска во едно од своите интервјуа се наврати на разговор со еден од најголемите македонски музичари Владо Јаневски, опишувајќи го како личност која ѝ оставила силна животна лекција за љубовните и партнерските односи.
По неговото неодамнешно заминување, изјавите повторно добиваат силен емоционален одек кај публиката, која со денови се збогува со еден од најголемите романтични автори на македонската поп сцена.
Елена се присети на разговор со Владо кој се случил кога била многу млада, а пораката ја разбрала дури подоцна во животот.
„Ме научи на една важна работа за партнерите. Ми рече нешто што тогаш не го сфатив целосно, ама подоцна ми стана многу јасно“, раскажала Ристеска.
Според неа, поентата на неговиот став била дека луѓето често влегуваат во нови врски, но повторно избираат ист тип на партнер, без да направат вистинска промена во себе.
Не разбирам како некој излегува од една врска и повторно избира ист профил на човек. Ист карактер, иста енергија, дури понекогаш и сличен животен модел. Тоа значи дека не е проблемот само во партнерите, туку и во тебе. Ако не се промениш ти, ќе ти се повторува истото сценарио“, рече Елена како поента од разговорот со Владо.
Таа додава дека токму оваа животна лекција подоцна ѝ помогнала подобро да ги разбере сопствените односи и избори, но и луѓето околу неа.
Во јавноста, по веста за смртта на Владо Јаневски, се појавија бројни архивски интервјуа и спомени од уметници и колеги, кои се простуваат од авторот на некои од најголемите балкански поп балади.
Неговата музика, која со децении беше присутна на сцената, останува како едно од најпрепознатливите поглавја во македонската поп-култура.
