Комисијата за заштита и спречување на дискриминација од јануари до мај постапувала по 108 претставки

Комисијата за спречување и заштита и од дискриминација од јануари кога беше избран новиот состав до сега постапувала по 108 претставки, од кои 78 преземени од претходниот состав и вакум периодот во оваа Комисија не функционираше. Најголем дел од претставките во овој период се однесуваат на дискриминацијата во полето на работните односи, но, поднесувачите најчесто го грешат основот за поднесување. Новина во делувањето на Комисијата е можноста да се вклучи во судските постапки како пријател на судот и давањето стручни мислења по предлог закони. За Комисијата и натаму останува предизвик како да се дојде до лицата кои трпат дискриминација, особено оние кои тоа не го препознаваат или пак не знаат кому да се обратат.

Претседателката на Комисијата Весна Бендевска е задоволна од она што го направиле во кусиот период по формирањето и покрај, како што рече, недоволните услови, односно неопременоста и немањето кадар во стручните служби. Наместо да бараме виновници за ваквата состојба, нагласи таа, во Комисијата одлучивме да работиме со тоа што го имаме на располагање и да излеземе во пресрет на потребите и барањата на граѓаните.

-Ако почневме да бараме вина и виновници немаше да стасаме никаде. Станува збор за превид и од страна на предлагачот на Законот, но и од пратениците што го усвојувале и не увиделе дека нема претпоставки за тие почетни и базични услови за формирање. Затоа повикувам да бидеме пример ова да не се повторува, односно кога имате намера да развивате ново тело во правниот систем како прв чекор треба да се предвидат овие услови, рече таа на презентација на извештајот за работата на КСЗД во периодот од јануари до мај годинава.

Бендевска информира дека добиле поддршка од сите пратенички групи во Собранието со сегашниот ребаланс на Буџетот да добијат дополнителни средства за опрема на просториите кои државата ги доделила на трајно користење на Комисијата. Потребни се, нагласи таа, нови вработувања во стручните служби, кои, смета Бендевска, треба да претставуваат срж на Комисијата, оти нејзините членови се со минлив мандат, а стручните лица ќе останат и по нивното заминување.

Согласно новиот закон, една од новите надлежности на оваа Комисија е можноста да поднесе барање до судот да му овозможи да дејствува како пријател на судот (аmicus curiae), по барање на странката
или по сопствена иницијатива, како што информира членот на Комисијата Игор Јадроски, во март годинава , Хелсиншкиот комитет за човекови права достави барање до КСЗД за вклучување во судска постапка како „пријател на судот“. Предметот бил поведен врз основа на тужба од јавен интерес (actio popularis) поведена од страна на Хелсиншкиот комитет во врска со дискриминација врз лицата со попреченост по однос на пристапноста до и во избирачките места.

Според Јадровски, Комисијата го искористила и своето право да даде стручно мислење по предлог закони и и во април го изготвила своето прво стручно мислење по предлогот за воведување на категоријата етничка припадност во личните карти, содржан во предлог-законот за измени и дополнувања на Законот за лични карти.

Комисијата за спречување и заштита од дискриминација во наредниот период ќе се фокусира и на приближување на нејзината работа до сите граѓани, како и соработка со локалните самоуправи, со Народниот правобранител и граѓански здруженија да стаса до најранливите категории кои се жртви и на повеќекратна и системска дискриминација.

Комисијата брои шест члена, откако една членка веднаш по изборот поднела оставка од лични причини, а во тек е јавниот оглас за изборот на седмиот член. Изборот на овој седми член ќе придонесе за непречено работење на Комисијата и зголемување на функционалноста и оперативноста. Освен избраните членови, во Комисијата работат и двајца државни службеници, доделени по овластување од страна на Министерството за труд и социјална политика.

Во предметниот извештај од јануари до мај годинава од вкупниот број на разгледувани предмети, 25,5 отсто се поднесени од жени, 35,5 отсто од мажи, 32,2 отсто се поднесени од правни лица, додека 6,8 отсто се поднесени од група граѓани. Анализирајќи го и местото на живеење на подносителите, се гледа дека околу 45 отсто живеат во Скопје, додека останатите се од другите градови на земјата.

Анализите за пријавената основа на дискриминација не можат да се спроведат, бидејќи во голем дел од претставките поднесувачите не ја пријавуваат основата додека од содржината на претставката таа не може да се утврди. Комисијата планира да го надмине овој предизвик преку креирање образец што потоа ќе се внесува во базата на податоци што ќе ги обработува сите релевантни параметри за анализа на состојбата со дискриминацијата во земјата.

Комисијата за над 40 отсто од претставките испратила допис за изјаснување до потенцијалниот дискриминатор, околу 22 отсто од претставките биле отфрлени поради ненадлежност, 5,5 отсто биле отфрлени поради неуредност и покрај испратените дописи за дополнително уредување, додека за други претставки се уште се работи на анализа на содржината поради нивната обемност.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

e