Mинистерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Љупчо Николовски најостро ги осуди информациите изнесени од Цветан Трипуновски од ВМРО-ДПМНЕ.
„Ги повикувам претставниците на ДПМНЕ во иднина да ги проверуваат фактите кои што ги изнесуваат во јавноста. Имено, се работи за Договори за закуп на земјоделско земјиште во кои е доделено земјиште по јавен повик 01/21, кој што јавен повик со решение донесено од страна на министерот е поништен. Договорите до кои било дојдено не се изготвени од страна на надлежниот сектор, не се согласно пропишаните критериуми за подготовка на договори за закуп на земјоделско земјиште и иститите се со архивски броеви кои се фиктивни и не постојат во архивата на министерството, а кај истите е евидентно дека не се потпишани лично од страна на министерот, ниту пак е употребен факсимил за нивно потпишување. Воедно сакам да потенцирам дека договорот кој што беше предмет на денешната прес конференција на Цветан Трипуновски не е заведен во архивата на министерството, ниту пак изработен од страна на надлежниот сектор, за што Општина Бутел е известена со допис број 39-7227/2 од 04.08.2022. Овој договор, доколку постои треба да биде предмет на постапките што се водат пред надлежните истражни органи бидејќи очигледно истиот е фалсификат.
Во поглед на изнесените дезинформации, сакам јавно да демантирам дека уште на 27 октомври 2021 година, по добиено сознание, од тогашниот Министер за земјоделство, шумарство и водостопанство, поднесена е кривична пријава до ОЈО Скопје против непознат сторител и одговорни лица во МЗШВ за сторено кривично дело Злоупотреба на службена положба и овластување – фалсификување на службена исправа. Во текот на 2022 година се добиени нови сознанија за постоење на други сомнителни договори кај кои е очигледна злоупотребата на моето лично име во својство на министер за земјоделство, шумарство и водостопанство. После прибавување на овие договори, првенствено во месец април 2022 година, беше поднесена Кривична пријава до Единицата за економски и компјутерски криминал при СВР – Скопје и дополнување на кривичната пријава до Основното јавно обвинителство Скопје. Вториот пријавување се случи на ден 01.11.2022 година до СВР Скопје“, посочи Николовски.
Службите на министерството будно ги следат сите неправилности во врска со појавувањето на лажни договори за закуп и навремено ги известуваме надлежните органи заради понатамошно истражување и поведување на соодветни постапки“ наведува министерот Николовски.
Тој ги повика претставниците на ВМРО-ДПМНЕ уште денес да се излезат до него, земјоделците и до целата јавност. Во спротивно, како што вели, ќе ги употреби сите законски можности за покренување на соодветна постапка за изнесување на лаги и невистини во јавноста.
Николовски ги повика земјоделците да бидат сигурни во институциите на системот, нагласувајќи дека Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство работи согласно Законот и позитивните законски прописи, како и дека едиствениот начин на добивање на земја под закуп е согласно одредбите од Законот за земјоделското земјиште.