Денеска на сметките на околу 14.300 тутунопроизводители, исплатени се субвенциите за реколтата 2023 во вкупна вредност од близу 1.5 милијарди денари и тоа за двете мерки, основни и дополнителни директни плаќања или народски кажано субвенции, за договорен и продаден ориентален ароматичен тутун, нашето црно злато. Ова е досега најголема исплата за поддршка на производителите на тутун.
Ги повикувам земјоделците да си ги проверат сметките и со здравје да си ги трошат парите кои се чесно заработени, а еве и чесно се исплатени на сите кои ги исполниле условите, без списоци и без партиска определба, туку чесно и рамноправно за сите. Секој кој работи и прозведува, ја има нашата поддршка, затоа што земјоделското производство е основата на секоја развиена земја.
Минатогодишната реколта тежеше 14.763 тони. Целата количина беше навремено откупена до последниот лист, немаше вишоци, немаше неоткупен тутун, а она што посебно ми значи, е тоа што заедно со земјоделците постигнавме највисока откупна цена до сега. Тутнот од реколтата 2023 има рекорна откупна цена од 365 денари по килограм за целокупната количина предаден тутун. Еве денес се исплатија и субванциите кои од оваа година се зголемени за 20 денари за сите три класи. Со тоа зголемување, тутунот од прва класа за прв пат до сега постигна вредност од 100 денари по килограм.
Бидејќи кај нас се произведува квалитетен тутун, најголемата количина на откупен тутун е од прва класа. Тоа значи дека ако на откупната цена од 365 денари, додадеме и 100 денари по колиграм за субвенции, стигаме до бројка од 465 денари за килограм тутун.
Ова се рекордни бројки и треба да бидат рекордни! Ние ќе продолжиме да правиме се што можеме за уште посилна поддршка на тутунопроизводството, затоа што тоа е култура која се произведува со многу мака, со вклученост на целото семејството, процес кој долго трае, се произведува на отворено и многу зависи од климатските фактори, што значи дека секогаш постои ризик за ова производство, а на многу семејства ова им е единствениот приход. Затоа и велиме дека тутунот е најмачната работа и треба да биде добро платен. Според тутунските компании, Македонија има најквалитетен тутун во регионот. Од тутунот годишно државата остварува околу 120 милиони евра девизен прилив и како сектор вработува околу 20 илјади семејства.
Сето ова, нам ни дава јасен правец, дека треба се повеќе да вложуваме за развој на тутунопроизводството. Ние тоа го правевеме и до сега, а така ќе биде и во иднина. Ги укинавме белите картончиња за откуп, ја укинавме субвенцијата од само 60 денари по килограм за сите класи и креиравме нов модел на скалесто субвенционирање по класи и тоа 80 денари за прва, 70 за втора и 60 за трета, а од оваа година сите ги зголемивме за плус 20 денари, па денес имаме 100 денари субвенција за килограм тутун од прва класа .
Од оваа година, за прв пат и тутунопроизводителите ќе добиваат зелена нафта од 12.000 денари за хектар и тоа со поддршка од 100%. Зелената нафта како мерка е уште една наша оригинална поддршка по која сме препознаени во регионот. Ја креиравме во 2019 година, започнавме со 30% поддршка, па ја зголемивме на 50% и од оваа година веќе одиме со 100% и тоа зелена нафта за сите, вклучително и за тутунопроизводителите кои до сега не беа корисници за оваа мерка.
Она што посебно ме радува и на што сум горд е што сите овие години имаме редовна и навремена исплата на субвенциите, имаме одлична комуникација со земјоделците, имаме силен фитдбек за сите мерки бидејќи бројот на поднесени апликации често пати и нас не изненадува. За некои мерки имаме побарувања двојно повеќе од она што ние сме го проектирале, интересот кај земјоделците е огромен, а мене тоа ме охрабрува и лично многу ми значи бидејќи тоа е најголемиот показател дека ја имаме довербата на земјоделците.
Ова е реален сектор и тука нема малверзации, тука има реални бројки кои сами зборуваат. А бројките за тутунот се највисоки до сега и јас им благодарам на сите тутунопроизводители, бидејќи ова е наш заеднички успех.