Зелена Револуција: Несфатливо е кочење на одредени активности заради нефункционалност на една или две алки во системот

„Ние, обединети граѓански активисти од Скопје, Битола, Тетово, Гостивар, Струмица, Ново Село, Струга, Охрид и други градови и населени места, кои застанавме зад организацијата на Марш за чист воздух – #ЗеленаРеволуција кој ќе се одржи денеска, 29.11.2019 со почеток во 17ч пред Министерството за животна средина, пред Влада во 18 часот, бараме исполнување на барањата кои се плод на долгогодишна граѓанска активност и иницијативи за подобрување и решавање на многубројните проблеми со загадување и уништување на просторот во кој живееме во нашата земја“, се вели во денешниот повик за Маршот.

„Барањата се остварливи, конкретни со рокови и одбрани после темелна анализа, затоа очекуваме посветеност и сериозно внимание за секое од нив. Не прифаќаме одговори дека ЌЕ или се работи, дека е долготраен процес, најмалку дека треба да имаме разбирање зошто процесот е комплексен, тоа го знаеме – затоа и го разделивме на конкретни активности и барања во секоја област.

Несфатливо е одолговлекување на конкретни активности како носење на закони кои стојат готови и чекаат одлука, некои и по 5 години, како Законот за почва на пример.

Несфатливо е кочење на одредени активности заради нефункционалност на една или две алки во системот, несфатливо е неспроведување на актуелни закони од една или друга институција или причина.

Несфатлива е инертност кога се во прашање 3500 животи на ваши сограѓани секоја година и пораст на тешки канцерогени заболувања.

Затоа БАРАМЕ ИСПОЛНУВАЊЕ на сите точки за активниот граѓански сектор да не биде принуден револтот да го подигне на друго ниво и да премине во граѓанска непослушност и повик за бојкот на претстојните избори, затоа што е премината секоја граница на толеранција по долгогодишни институционални борби.

Маршот е граѓански, мирен, натпартиски, мултикултурен. Се оградуваме од секакви политички влијанија, секој е добредојден, но без партиски обележја. Оваa заедничка платформа е само почеток и е производ на сите облици на граѓански активизам од годините наназад, поединечен или организиран, сплотен со младешката енергија на оние за кое ова го бараме, за нашата иднина!“, се додава во повикот.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

e