Заев: Покажавме дека имаме став и дека имаме храброст да носиме одлуки без да водиме сметка за личниот или партискиот рејтинг

“Израдувајте се барем еднаш. На НАТО не знаевте да се израдувате. Започнуваме преговори како што започнале и сите други земји, сега членки на ЕУ. Така се бори за македонскиот народ. Израдувајте се еднаш на македонскиот јазик кој го наведоа. Вие се радувате само ако се појави некоја нова пречка” – вака претседателот на СДСМ Зоран Заев му одговори на лидерот на опозицијата Христијан Мицкоски во предизборниот дуел на МРТ 1, на неговите обвинувања дека политиките на претходната влада на Заев со своите одлуки го загрозиле идентитетот и јазикот на македонскиот народ.

“Се направија паметни и мудри договори кои овозможија по 15 години да добиеме одлука за почеток на преговори, еве ја имаме веќе преговарачката рамка во која што е испишано дека на македонски јазик ќе се преведе европското законодавство. Докажавме дека го заштитивме македонскиот идентитет и македонскиот јазик. Нашиот идентитет е загарантиран, признат и македонскиот јазик ќе биде еден од официјалните службени јазици на ЕУ што ќе дојде со нашето членство. Но, оваа афирмација сега после 13 години е голем успех за македонскиот јазик, за Македонците, за македонскиот идентитет. Секој договор кој и во иднина ќе го постигнеме ќе биде заради пријателство и заемно разбирање со комплетна заштита на нашите национални интереси. Јас убеден дека договорот за пријателство и добрососедство со Бугарија ќе не’ направи поблиски. Покажавме дека имаме став и дека имаме храброст да носиме одлуки без да водиме сметка за личниот или партискиот рејтинг и им служевме на граѓаните и на државата и успеавме во тоа и целиот свет тоа ни го призна. Само така одиме во интеграција, се’ друго е изолација” – заклучи Заев.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

e