Од Левица реагираат на изјавите на министерката за образование и наука Весна Јаневска во врска со висината на субвенционираниот студентски оброк. Од партијата тврдат дека износот од 140 денари останал непроменет од 2023 година и ја обвинуваат министерката дека не планира негово зголемување, иако, како што велат, постои законска обврска за усогласување.
Од Левица посочуваат дека по доаѓањето на новата владејачка гарнитура во 2024 година, студентскиот оброк продолжил да изнесува 140 денари. Според нив, истиот износ бил предвиден и во јавните повици на Министерството за образование и наука во август 2024 година, април 2025 година, како и за академската 2025/2026 година.
Партијата ја повикува министерката да објасни каков пристоен и нутритивно вреден оброк студентите можат да обезбедат со 140 денари, имајќи ги предвид зголемените цени на храната.
Од Левица оценуваат дека студентскиот оброк не треба да се третира како владина помош, туку како законски утврдено право на студентите. Притоа, ја обвинуваат Владата дека не го усогласила износот на субвенцијата и тврдат дека студентите по тој основ биле оштетени за околу 6,5 милиони евра.
Од партијата бараат Министерството за образование и наука да ја почитува законската обврска и да обезбеди соодветно усогласување на студентскиот оброк.
