Заев: Коалиционите партнери се согласија со датумот за избори

По средбата кај претседателот, одржавме средба и со коалиционите партнери. Сакаме да афирмираме неколку вредности, оваа коалиција останува целосно посветена на нашиот евроатлантски пат, рече премиерот и лидер на СДСМ, Зоран Заев по средбата со коалиционите партнери во партиското седиште.

„Ние веруваме дека нашиот народ заслужува да биде европски народ кој ќе ги живее истите вредности кои ги живеат модерните западно европски земји, каде што владее правото, каде што имаме модерно образование, здравство. Веруваме дека во овој правец толку силно ќе го блеснеме нашето заедничко македонско сонце кое што дефинитивно ќе побуди дополнителна дебата позитивна во ЕУ, која конечно ќе ги донесе преговорите“, рече Заев.

Тој додаде дека сите коалициони партнери се согласиле за датумот за избори и дека ќе ја формираат новата заедничка програма.

„Ние сме лидерите на граѓаните кои ја димензионираат иднината на нашата заедничка Република Северна Македонија на вистинскиот пат, на патот на кој што не препозна ЕУ, САД и целиот демократски свет и веруваме дека граѓаните ќе дадат поддршка давајќи еден нов, чист мандат преку кој ќе ги продолжиме овие политики“, истакна лидерот на владејачката СДСМ.

Заев додаде дека тие водат пред ВМРО-ДПМНЕ со 3 отсто и дека ќе победат на изборите.

„СДСМ наспроти ВМРО-ДПМНЕ води со 3 процентни поени, тоа го објавивме јавно со кредибилни агенции кои го направиле тоа. Ќе направиме уште една анкета да видиме како стоиме после одлуката за избори. На крајот граѓаните одлучуваат на изборите“, рече Заев.

Според Заев, на средбата со коалиционите партнери имало дебата за датумот за избори, но и другите понудени датуми.

„Повеќе сме коалициони партнери, секако на крајот сите го поддржуваме избраниот датум. Имаме плус предности зошто треба брзо, ние ги предложивме тие работи, ги кажавме и причините зошто после нова година очекуваме НАТО статус, ратификациите во земјите, да го задржиме тој период, да нема драматуршки рефлексии, но ВМРО-ДПМНЕ го одби датумот под изговор дека нема 100 дена за влада и дека не може тоа да се организира, но јас сум среќен што определивме заеднички датум. Коалиционите партнери ги кажуваа предностите на брзи избори, предностите и на редовните избори и на избори во октомври, мај и јуни, како што НСДП и други партии, но на крајот консензусот се гради меѓу партнерите, го изградивме заедно, застануваме зад него, со цел успех на изборите и продолжување напред, рече Заев.

Според него, ВМРО-ДПМНЕ биле тие кои на лидерската први кажале дека се против избори во декември, а потоа имало и образложенија од други партии.

„Откако ВМРО-ДПМНЕ одби 22 или 29 декември, тогаш разговаравме дека јануари и февруари се ризични да го оставиме македонското општество без парламент, кога Шпанија би го ратификувала протоколот до крајот на јануари, останува само кај нас, а тогаш да немаме парламент е навистина несериозно за исполнување на една од двете најголеми стратешки цели, влез во НАТО. Мене ми драго што под раководство на претседателот успеавме и опонентите, заедно сите да се договориме за датум. Тоа нека биде порака до граѓаните дека се повеќе сме зрели и знаеме да се договориме кога треба да се договориме, за да тоа и помогне на нашата земја да го трасира вистинскиот пат“, рече Заев.

На новинарско прашање дали очекува законот за јавно обвинителство да го донесат толку зрело колку и датумот за избори, тој рече дека верува дека можат.

„Верувам дека ако можеме вака крупни прашања да договориме, можеме да го договориме, го должиме тоа на граѓаните. Никој не ги прашува вработените во СЈО како тоа немаат земено плата за септември, оти тие луѓе ќе тужат и ќе си ги земат парите од државата. Направивме демократски исчекори, дадовме на предлог на опозицијата, парламентот да изгласа обвинител за висока корупција“, рече Заев.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

e