Заев: Ќе ве извлечеме од сиромаштија!

Во рамки на конференцијата Инклузија „И јас сакам да имам живот како другите!“, се обрати претседателот на СДСМ, Зоран Заев. 

“Често канев граѓански организации како политичка партија и бевте присутни, ред е да бидеме и ние присутни на вака важен меѓународен ден секако и недела којашто се отвара пред нас и да разговараме за прашања коишто се навистина болни во нашето општество.

Секако ние не сме стручни како вас, некои од вас со години и денеции работите на многу важни проблематики коишто ги засегаат нашите граѓани, но сепак сме овде присутни да слушаме и да дадеме свој коментар за да може дебатата да се отвори и да носи секако позитивен резултат. И критикувајте не, тепајте не нас политичарите ако не чинат работите од политиката и политичарите во Р.Македонија секако вклучително и јас сум политичар во оваа земја.

Податоците коишто `не преокупираат сите, се податоци познати на цела македонска јавност, тоа е 500.000 граѓани живеат под прагот на сиромаштија. 180.000 граѓани живеат со по 40 денари на ден, 99.000 со по 22 денарa на ден и целото ова ако продолжите да го кажувате е убиствено.

Според мене како политичар, мислам дека обидувајќи се да создадеме држава изминативе 20 години, Македонија ја изгуби душата. Државата ја изгуби душата и смислата на своето постоење, а како и секаде во светот, државата постои заради граѓаните и никако поинаку. Се додека ја исполнува функциjата нa нејзиното постоење, а тоа е интересот исклучиво на граѓаните, дотогаш има смисла нејзиното организирање, функционирање и постоење како држава.

Крајно време е да се вратиме на враќањето на душата на нашата земја, а со тоа мислам и да се откажеме од сите овие материјални аспекти коишто се преокупација на сите гласачи, а со тоа и на политичарите. Материјални аспекти со коишто билдаат мускули политичарите и пред избори и после избори, оти кампањата е постојана во оваа наша Македонија. Се изгубија важните елементи каде што граѓанинот, поединецот, индивидуата, ќе бидат таргет на постоењето на цели институции, на цели влади, на цели парламенти, како што впрочем треба да биде.

Беше кажано овде, навистина е извитоперено општеството и единствено е возможно да го исправиме ако го вратиме на смислата на своето постоење. Не можеме да си ја залечиме душата како институции, како општество, ако дадеме 2.500 денари социјална помош. Тоа е само лечење душа или се обидуваме да си залечиме душата?

Со 2.500 денари никој не можее да живее!

И после и Ерџан и некој друг оди да собира и пластика, да собира и железо, а мора тој што му ги откупува да му ги наплати на трансакциска сметка и веднаш причина и тие 2.500 денари повеќе да не ги зема.

Ако велиме дека прагот на сиромаштија минимум за поединец е околу 12.000 денари, не може да биде среќно општеството ако не обезбедиме приход до 12.000 денари за секој поединец. Ја сум ги правел и матаматиките. Генерално, за сите овие 35.000 или до одредена инстанца 40.000 граѓани од категоријата приматели на социјална помош, буквално за сите овие во државата, потребни се 18 милиони евра за да се избалансира барем првиот чекор во сосотојбата. Тоа е споменикот Воин на коњ или одберете кој сакате друг споменик. Толку е тоа во пари, за да може некој да однесе леб дома.

Вчера, Организација на жени на Струмица, Банка за храна и ние како Општина Струмица заедно со бизнис секторот поделивме 100 пакети со храна. Од завршувањето на делењето на пакетите, па се до моето пристигање тука, добив повеќе од 15 пораки кои гласеа “Каде можеме да земеме пакет?“. Зборуваме за храна, за макарони, за шпагети, за одржлива храна.

Луѓето бараат храна, значи постои глад во Македонија и тоа е поразително за сите нас.

Мораме да се посветиме на граѓанинот и поединецот со конкретни и прагматични чекори!

Пари има. Јас ви тврдам, 400 милиони евра годишно се крадат од Македонија! Се краде и пљачка, како да е ова туѓа земја. Социјалната раслоеност е на тоа екстремно ниво, каде што екстремно богатите не се мерат во милиони денари, не се ни во милиони евра. Станува збор за стотици милиони евра.

Сите аспекти од нашето општество мораме да ги преструктуираме и преорганизираме од секој можен аспект.

Мораме да создадеме праведно оданочувње. Не можеме сите исто данок да плаќаме. На крајот најсирмашните стигаат и до извршител, за да го платат данокот. Кога ќе ги видите извршителите… во државава имаме 9 извршители кои во 2014 година покажале нето добивка поголема од 500.000 евра. Тоа е пљачка на најсиромашните. Богатите не доаѓаат кај извршители. Тие си ги плаќаат долговите навреме. Тоа е најмодерната пљачка што се случува во Македонија.

Оттука, не е само праведното оданочување. Државата мора да биде редистрибутор на богатството. Треба да зафати повеќе од богатите, за да може да ги опфати сите социјални елементи и да врати на посиромашните. Но не само за да му се даде храна на сиромашниот, или да му се даде некое месечно примање, туку ќе треба да има и социјални работници кои ќе работат на нивно вклучување во општеството, да ги научат луѓето сами да ја вадат храната. Денеска имаме социјални работници во центрите за социјални работи кои, зборувајќи со Фросина Ременски, тие на хартија делат социјална помош и толку, тоа е тоа, никој не работи со социјално загрозените лица. Мора од секој аспект да се редефинира општеството.

Тоа значи, државата својата улога мора да ја заврши. Преку буџетските пари да го дига прагот на тоа што е најсиромашно кон нешто што е средно, и се разбира, на сметка на кој – на тој што користи најмногу национално богатство и права од оваа земја, тоа е богатиот човек од ова општество. И тој допрел до можноста да има концесии за минерални суровини, за ископи, да гради насекаде и слично, и нормално, профитот доаѓа тука. И тој има да плати повеќе ако сакаме сиромашните да имаат повеќе од тоа што го немаат воопшто денеска во општеството.

Вработувањето на младите е еден и од изворите и на сиромаштијата. Мора да се насочиме со искрени политики на вработување на младите. Најголемиот пораз на Македонија е тоа што ни ги нема младите околу нас. Некој наш другар, пријател, дете, внуче, го нема веќе, а некни бил овде. А тие се моторната сила, тие создаваат богатство во државата.

Значи и од тој аспект да ги примениме европските модели, како младинската гаранција. Како? Штом заврши со образование, дај му тренинг, веднаш работа, државата е тука да интервенира и да го следи, оти бизнис секторот сам нема да го повика. Мора државата да изгради политики и тоа опипливи, со пари, директно, како да се мотивира за да тргне во работа секој млад човек, или да создава нешто што и работодавачот ќе го види како нова додадена вредност за него како за профит, но за младиот човек како за плата.

Од секој можен аспект мораме да ги реорганизираме работите и тоа во суштина би го дефинирал вака. Мора да ја вратиме душата на државата. А ќе ја вратиме ако институциите ги насочиме кон човекот, кон поединецот. Треба трајни политики и решенија. Модерна Европа, солидарна Скандинавија, ги нема до крај решено работите, но има одлични примери коишто се овде применливи и можеме да ги примениме за конечно да кажеме дека има резултати и почнал во Македонија да се чувствува ваквиот напредок. 60 проценти под прагот на достоинството на живот е социјалната помош во државата.

И добро, некој вика – од каде пари? Постојат во Буџетот пари, Македонија не беше посиромашна кога имаше Буџет од 1.7 милијарди евра. Сега има 3.3 милијарди евра Буџет. Проблемот е што Буџетот оди за глупости. Мора да се троши за граѓаните, за нашиот народ, за луѓето коишто живеат тука и се знае како – за најсиромашните. Најмногу треба да го полнат најбогатите, па после помалку богатите, а најголем бенефит мора да има за посиромашните, и дај Боже тие посиромашни да станат другата страна некој пат. Секој го посакува тоа. Тоа е тенденцијата, меѓудругото, на смислата на постоење на општеството.

Јас се јавив само за збор, останувам тука цело време, ги поканувам и камерите да останат. Денеска е Денот на борба против сиромаштија и глад. Нема поважно денеска од ова. Ве повикувам да останете, гледам има квалитетни точки за квалитетна дебата.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

e