Левица: Се краде од студентите за да им се даде на пензионерите

Соопштение на Левица:

Вчера јавно обзнанивме дека студентите три години се оштетувани преку непочитување на законската обврска за усогласување на субвенционираниот студентски оброк со инфлацијата. Очекувавме барем обид за објаснување од Владата и Министерството за образование. Наместо одговор, младите добија целосен молк. Очигледно, кога ќе ги фатиш со раката во студентскиот џеб, најдобрата вмровска стратегија е да се правиш дека џебот не постои.

Законот не остава простор за политичка креативност. Вредноста на субвенционираниот оброк се усогласува со стапката на инфлација пред донесувањето на Буџетот за наредната година. Три буџети поминаа, цените растеа, храната поскапуваше, а студентскиот износ остана закован на 140 денари. Според пресметките, денес требаше да изнесува околу 165 денари. Тоа се околу 650 денари месечно помалку за секој студен. Кога таа разлика ќе се помножи со корисниците и периодот во кој не било извршено законското усогласување, зборуваме за околу 6,5 милиони евра што законски требало, а не завршиле кај студентите.

Поентата не е дека пензиите не треба да растат, напротив. Скандалот е што ДПМНЕ води селективна социјална политика според изборна исплатливост- кај пензионерите, каде што гледа сигурно и дисциплинирано гласачко тело, покачувањата ги претвора во партиски спектакл, а кај студентите, кои со закон имаат право на усогласување на субвенционираниот оброк, три години мирно остава ист износ и им ја задржува разликата. Значи, проблемот не е што едните добиваат повеќе, туку што другите противзаконски добиваат помалку. Социјална политика не е да наградуваш таму каде што очекуваш гласови, а да штедиш таму каде што младите и онака масовно ја напуштаат државата.

Најголема дрскост е токму тоа, што ова се случува во држава од која младите масовно заминуваат. Како точно задржувате млад човек во Македонија додека му калкулирате и на ручекот? Како зборувате за студентски стандард кога сте нашле начин дури и инфлациското усогласување да не го испочитувате?

Левица ќе ја поднесе законската измена со која износот конечно ќе мора да се усогласи со она што студентите одамна требало да го добиваат. Но ова не завршува со корекција на една бројка. Три години некој свесно гледал како законот стои на хартија, а студентите секој месец добиваат помалку. За таква политичка дрскост не е доволно само утре да ја поправат сумата и да се однесуваат како ништо да не се случило.

6,5 милиони евра е мерка за односот на оваа власт кон младите. ДПМНЕ активно покажува дека за нив студентот вреди многу помалку од сопствената изборна калкулација. Студентите одамна кренаа раце од очекувањета за милостина од Владата. Она што треба е да престанат да го земаат и она малку што по закон е нивно.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

e