Утре се распушта Собранието, ќе се гласаат Буџетот и можеби, законите за СЈО

На утрешната седница треба да се распушти Собранието на Република Македонија за да може на 11 декември да се одржат предвремени парламентарни избори. Иницијативата за распуштање на Собранието ја даде СДСМ, ВМРО-ДПМНЕ ја прифати со услов претходно да се усвои Буџетот за 2017 година.

Точката за распуштање на Собранието ќе биде веднаш по точката за усвојување на буџетот за 2017 година, информираа минатата недела од кабинетот нa претседателот на Собранието, Трајко Вељаноски.

На интернет страницата на Собранието, на дневен ред на утрешната 125 седница , закажана за 12 часот, како прва точка е ставен Буџетот за 2017 година, а како втора и трета точка се ставени двата предлога за распуштање на Собранието поднесени од пратеникот Павле Трајанов и од пратеничката група на СДСМ.

Собранието треба да одлучува и по законите што ги бараше Специјалното јавно обвинителство, за заштита на сведоците и за продолжување на мандатот кои ги предложи Павле Трајанов, но тие се уште не се ставени на дневен ред на утрешната седница.

Претходно овие предлози кои во собраниската процедура влегоа по скратена постапка беа одбиени од собраниското мнозинство.

Собранието пред распуштање треба да расправа и за вишокот гласачи во шестата изборна единица каде има 5,28 отсто гласачи повеќе од дозволеното. Како решение се предложува гласачите од Дебар да се префрлат во петтата изборна единица.

Демократскиот сојуз бара на утрешната седница на Собранието на Република Македонија, прво да се изгласаат законите за Специјалното јавно обвинителство, потоа промените за шестата изборна единица и на крај по одржана расправа да се гласа за Буџетот.

Извор: Мета

За поврзани вести продолжете надолу

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

e