Утре ќе се отвара тендерот за клинички центар; Според ветувањето досега требаше да се изгради

По три години доцнење од почетокот на изградбата на новиот Клинички центар, министерот за здравство Никола Тодоров, денеска информираше дека тендерот е објавен и дека утре ќе се одржи јавното отворање на понудите. Досега, рече Тодоров, над 20 странски и домашни компании искажале интерес и подигнале документација.

-Рокот за доставување понуди е до утре во 12 часот, а отворањето е утре во 14 часот, по што ќе следи периодот на евалуација, изјави Тодоров.

Оваа информација на Тодоров доаѓа точно по три години, кога на 2 јануари 2014 година, тој заедно со екс премиерот Никола Груевски ја најавија најголемата инвестиција во здравството и рекоа дека ќе биде готова на почетокот на јануари 2017.

Но, ниту градежна механизација, ниту работење на мајстори не се слушнаа на местото каде што требаше за започне изградбата на новиот Клинички центар. Наместо тоа, на местото каде што требаше да никне капиталниот објект вреден 70 милиони евра, цели три години стои само дупка.

Тогаш беше речено дека е предвидено рушењето на старата зграда да трае три месеци, по што работите ќе продолжат со изградбата на новиот грандиозен објект. Стартот на изградбата беше постојано одложуван, а самиот проект кој беше  обвиен со мистерија, го следеа контраверзии и  скандали.

Проектот за нов клинички центар стоеше во програмата на ВМРО-ДПМНЕ за изборите во 2014, но откако ништо од тоа не бидна, сега се појави и во новата програма пред изборите на 11 Декември.

Според најновите најави, изградбата ќе почне на почетокот на оваа година, а треба да заврши кон крајот на 2021 година.

Инвестицијата само за изградба на Клиничкиот центар во Скопје чини околу 70 милиони евра, а целокупната инвестиција за модернизирање на кампусот е во вредност од 128 милиони евра.

Тодоров изјави дека проектот предвидува изградба на нов Клинички блок, нова зграда на лаборатории и адаптација и реконструкција на зградата на Хируршките клиники. Објектите на кардиологија, Детска клиника, онкологија, Клиника за инфективни болести, Клиника за гинекологија и Клиника за стоматологија, појасни, ќе продолжат да функционираат во своите постојни објекти интегрирани во локацијата на реорганизираниот Клинички центар, со тоа што Клиниките за гинекологија, хирургија и онкологија ќе бидат и физички поврзани со топли врски со новиот Клинички блок и со зградата на лаборатории.

Во новиот објект влегуваат и клиниките за неврохирургија, трауматологија, дерматологија, психијатрија, неврологија, сите сместени до четвртото ниво и додаде дека на четвртото ниво се предвидени непроодни тераси, кровни градини на три локации.

Од СДСМ пак изјавија дека доста беше од ветувањата на Никола Груевски и ВМРО – ДПМНЕ и дека нов модерен кличнички центар ќе изградат тие веднаш по преземањето на власта.

Извор: Нова ТВ

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

e