Тереза Меј: Договорот помеѓу Македонија и Грција е успешна приказна – Британија ги удвојува фондовите за поддршка на Македонија

Претседателот на Владата на Република Македонија, Зоран Заев и владината делегација во состав заменик претседател на Владата задолжен за европски прашања, Бујар Османи и министер за надворешни работи, Никола Димитров го завршија учеството на Самитот ЕУ-Западен Балкан (Берлински процес), што се одржа во Лондон, на кој учествуваа лидерите на земјите од регионот, Тереза Меј како премиерка на земјата домаќин на Самитот, канцеларката на СР Германија, Ангела Меркел и еврокомесарите Федерика Могерини и Јоханес Хан.

Во завршницата на самитот, премиерот Заев имаше билатерална средба со Претседателот на Владата на Република Хрватска Андреј Пленковиќ. На средбата двајцата премиери разговаараа за можностите за интензивирање на соработката меѓу двете земји и заеднички констатираа повеќе области со силни потенцијали.

Претседателот на Владата на Република Македонија Зоран Заев на маргините на самитот имаше и кратка средба со канцеларката на СР Германија Ангела Меркел, на која ја запозна со подготовките за претстојниот референдум за реализација на одредбите од договорот за решение на македонско-грчкиот спор и за стратегиско партнерство.

Интензивната работна агенда на Самитот ЕУ-Западен Балкан во Лондон заврши со заедничка прес конференција на премиерката Тереза Меј, на канцеларката Меркел и на еврокомесарот за соседска политика и проширување на ЕУ Јоханес Хан.

Премиерката на Обединетото Кралство на Велика Британија и Северна Ирска, Тереза Меј, како исклучително успешна приказна меѓу последните два самита ЕУ-Западен Балкан го истакна историскиот договор меѓу Република Македонија и Република Грција при што им честиташе на премиерите Заев и Ципрас, потенцирајќи дека прогресот е возможен.

Премиерката Меј најави удвојување на финансиска поддршка за проекти за јакнење на јавната администрација во Македонија, како и помош за обука за дигитални вештини на еден милион деца од основните училишта од регионот, со цел да ја спознаат својата моќ во модерниот свет.

На прес конференцијата беше истакнато дека Европската Унија и СР Германија, посебно низ Берлинскиот процес, остануваат и понатаму посветени на поддршката на афирмацијата на европските вредности во регионот, на проектите за поврзување и за регионална соработка и на проектите за обезбедување на безбедноста и сигурноста на регионот и на Европа и дека за идните проекти е предвидена и нова финансиска поддршка од фондовите на ЕУ.

За време на својата работна посета во Лондон, премиерот Заев реализираше и интервју за британскиот телевизиски сервис Би-Би-Си, за познатата емисија “Hard Talk”.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ