Средба на премиерот Заев со премиерот на Турција Јилдирим: Турција ја поддржува Македонија во НАТО интеграциите

Претседателот на Владата на Република Македонија, Зоран Заев се сретна со премиерот на Република Турција, Бинали Јилдирим, во рамки на официјална посета на Република Турција, придружуван од министерот без ресор, Аднан Ќахил, пратениците во Собранието на Република Македонија, Енес Ибраими и Јусуф Хасан и државниот секретар во МНР, Виктор Димовски.

На почетокот на средбата премиерот Заев изрази сочувство за жртвите во борбата против тероризмот со цел заштита на територијалниот суверенитет и интегритет на земјата.

Има согласност од двете страни дека борбата против тероризмот е важно прашање за заштита на светскиот мир.

Двајцата премиери, Заев и Јилдирим на тет-а-тет средбата и потоа на ниво на делегации изразија определеност да придонесат кон создавање услови за унапредување на економската соработка меѓу двете земји и за зголемување на трговската размена.

Договорено е активирање на Мешовитиот комитет меѓу двете држави кој што ефикасно ќе ги решава сите потреби за подобра соработка на секое ниво. Премиерот Заев соопшти дека од страна на Република Македонија, комитетот ќе го води министерот без ресор, Аднан Ќахил.

„За нашата држава важни се сите инвестиции, а Турција е 6-та во Македонија по бројност на инвестиции. Подготвени сме да создадеме услови за уште повеќе инвестиции бидејќи има заинтересирани инвеститори“, рече премиерот Заев.

Се разговараше за можноста за олеснувања посебно во земјоделството.

„ Ние очекуваме напредок во ЕУ и НАТО интеграциите оваа година, а тоа очекуваме  да влијае на зголемување на инвестициите, а со тоа подобар квалитет на живот на граѓаните“, рече премиерот Заев.

На средбата на двете делегации, премиерот Заев побара да продолжи поддршката од Турција за членството на Македонија во НАТО, а премиерот Јилдирим порача дека Република Турција ја поддржува Република Македонија во оваа стратешка цел.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

e