СЈО продoлжува со истрагата за аферата “Списоци“

Специјалното обвинителство ја проширува листата на сведоци за истрагата „Титаник“. – објави 24 Вести.
Во својство на сведок за изборните нерегуларности, денеска исказ даде новинарот Младен Чадиковски, кој во времето кога беше објавена аферата „Списоци“, беше уредник во телевизијата А1.
Претходно сведочеа новинарките Сашка Цветковска и Наташа Стојановска, кои во 2011 година контактирале дел од лицата на списоците  што ги поседувале, претставувајќи им се како од ВМРО-ДПМНЕ. На тој начин дошле до сведоштва на граѓани кои од страна на власта биле уценувани со работни места, па дури и ин-витро оплодување, доколку и обезбедат по 15 гласа за партијата.
Тогаш Основното обвинителство отвори предмет, кој беше затворен по десетина дена со напомена дека нема докази, иако Мисијата на ОБСЕ која ги следи изборите оцени дека телефонските разговори со гласачите се веродостојни докази.  Љупчо Шврговски, кој во тоа време го водеше обвинителството, во разговор за 24 Вести рече дека не се сеќава на предметот, бидејќи, како што посочи, тој раководел со институцијата, а не водел предмети. Според одредени медиуми, токму сегашниот шеф на обвинителството, Марко Зврлевски, ја водел и ја затворил истрагата, но во телефонски разговор за 24 Вести, тој ги демантираше овие објави.
 „Јас не го водев тој предмет, меѓутоа во секое време можете да дојдете во обвинителството и да ви покажам списи, да ви кажам кој го водел, до каде стигнал предметот. Тие документи ги немам пред мене и не можам да ви објаснам детално преку телефон.“ – рече Зврлевски.
Чадиковски посочи дека ниту тој, ниту новинарките Цветковска и Стојановска, тогаш не биле повикани во основното обвинителство на разговор.
Во рамки на предметот „Титаник“, Специјалното обвинителство, како организатор на изборни местенки сомничи неколку поранешни и сегашни државни функционери. Меѓу нив е и екс- министерката за внатрешни работи, Гордана Јанкулоска. Таа пред пет години, кога излезе аферата „Списоци“, ја оцени како манипулација.

За поврзани вести продолжете надолу

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

e