СЈО подготвува четврто досие за незаконското прислушување

Специјалното јавно обвинителтсво подготвува ново, четврто досие поврзано со незаконското прислушување, дознава 24 Вести од извори од истрагата. Во предистражаната постапка која ја води СЈО се проверуваат податоците обезбедени преку судска наредба и со помош на надворешниот експерт од Ериксон – дали Управата за безбедност и контаразузнавање крие податоци за повеќе незаконски прислушувани граѓани.

Како што истакна и обвинителката Фатиме Фетаи на последната прес-конференција за предметот „Таргет“, експертот од Ериксон утврдил дека било вршено архивирање на податоци од почетокот на 2016 година. Архивирањето претставува криење на информации и според СЈО, постојат сомневања дека се опфатени поголем број на податоци.

Како што неофицијално дознаваме, доколку се утврди дека лица вработени во УБК биле инволвирани во вакви дејствија тие можат да одговараат за компјутерски фалсификат или помагање на сторител по извршено кривично дело.

Додека СЈО ги проверува наводите за овие сомневања, продолжува и со истрагата за „Таргет“, но повторно со опструкции од Судот. Имено, Кривичен одбил да му издаде наредба на СЈО за пребарување и одземање на податоци од компјутерски системи поврзани со системите за следење на комуникациите. Податоците кои ги бара СЈО се однесуваат на системите кои сега се во употреба, но тие барале сукцесивно одземање на податоци со цел да не се загрози целата тековна работа на Управата. Досега е утврдено дека незаконски таргет на прислушувањето биле 5 827 лица.

Пролонгирање на работата СЈО препознава и во постапувањето на Судот по однос на обвинителниот предлог за фалсификување службена исправа.

Специјалното јавно обвинителство се уште го нема добиено записникот од вчерашното рочиште на кое судијката Лидија Петревска го задолжи СЈО да обезбеди согласност од УБК за користење на класифицираните информации во судската постапка

Тоа значи дека СЈО најрано во четврток, поради Денот на дрвото ќе може да достави барање за добивање на согласт од УБК.

Обвинението против седумтемина вработени во УБК е поврзано со случајот „Тврдина“ за уништувањето на системите за прислушување. Сите предмети произлегуваат од податоците кои СЈО ги добило при истражувањето на прикривањето на прислушувањето.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

e