СЈО нема да бара изземање на „сваровски-судијките“, засега

Специјалното јавно обвинителство засега нема да побара изземање на судијката Лидија Петровска, вели обвинителката Ленче Ристовска за „Мета“.

– Засега нема да преземеме ништо, ќе почекаме да почне судењето и сè да биде официјално, па ќе одлучиме што ќе правиме – рече Ристовска.

Лидија Петровска беше спомената во една од „бомбите“ што лани ги објави СДСМ, во разговор воден меѓу судијката Софија Лаличиќ и поранешниот директор на УБК, Сашо Мијалков, во кој се тврди дека Петровска работното место го добила со купување подароци од брендот „Сваровски“ за претседателката на Врховниот суд, Лидија Неделкова.

Инаку, јавните обвинители имаат право до претседателот на Основниот суд да поднесат барање за изземање на судијата, но тоа треба писмено да го образложат. Одлуката треба да ја донесе претседателот на Основниот суд Скопје 1.

За двете обвиненија што СЈО ги поднесе до судот минатата недела, сè уште не се одредени датуми за судење, односно за одржување на главната расправа, за што не е предвиден рок, туку ќе се чека слободен термин. Двете обвиненија се поднесени по скратена постапка, бидејќи СЈО имало доволно докази за да подготви обвинителни предлози и да ги достави до Кривичниот суд.

Првиот предмет се однесува на уништувањето документи за да се прикрие незаконското прислушување, а вториот предмет се однесува за насилството пред Општина Центар од 2013 година. Во првиот предмет опфатени се седум лица, вработени во УБК, кои се осомничени за кривичното дело фалсификување службена исправа, а во вториот предмет опфатени се 14 лица осомничени за кривичното дело насилство.

Неофицијално, судијката Татјана Михајловска ќе го работи случајот со насилството во Општината Центар („Шамарите за Жерновски“), а Петровска го доби случајот со уништувањето на документите поврзани со опремата за прислушување.

Распределбата е направена во согласност со електронскиот систем за распределба.

Мета

За поврзани вести продолжете надолу

Ознаки: , ,

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

e