СДСМ ќе потроши милиони евра, но за нови работни места, порача Заев од Делчево

„Ако Груевски потроши 700 милиони евра за споменици и фонтани и јас ќе потрошам 700 милиони евра, но за нови работни места“, порача лидерот на СДСМ и носител на кандидатската листа на партијата во Изборната единица 4, Зоран Заев на митингот кој Коалицијата „За живот во Македонија“ вечерва го одржа во Делчево.

Тој истакна дека Делчево ќе го оправда аманетот на Гоце Делчев, револуционерот по кого градот го носи своето име, дека ослободувањето на еден народ е пред се негово сопствено дело.

– Ах да стане Делчев и да види какви неранимајковци го носат светото име ВМРО, и да види на какво дереџе ја донесоа Македонија…Денеска знаеме се, вистината е обелоденета до крај, никој не може однадвор да дојде и да ни ја спаси Македонија. Затоа Делчев зборуваше дека ослободувањето на еден народ е пред се негово сопствено дело. Во наши раце е пенкалото, да се ослободиме од крпениот живот и да обезбедиме живот како во модерните Италија, Хрватска, Словенија – рече Заев.

Тој истакна дека сите ресурси на државата ќе бидат насочени кон отворање на нови работни места, просечната плата ќе биде 30.000 денари, а минималната, која ќе изнесува до 16.000 денари ќе биде еднаква за сите работници независно од кој сектор доаѓаат.

Лидерот на СДСМ рече дека нема да дозволи промена на Уставот, кој, како што истакна, напротив ќе се почитува и ќе се спроведува.

– Се збунил Груевски, вели ќе има федерализаицја и кантонизација, но не, ќе има конфискација, фамилијата на власт ќе врати сè што им одзеде на стотици фамилии – рече Заев.

Пред делчевци вечерва се обрати и носителот на кандидатската листа на СДСМ во Изборната единица 3, Љупчо Николовски кој меѓудругото порача дека ќе има праведна распределба на државното земјиште.

– Земјата ќе биде во рацете на вистинските земјоделци. Тие ќе имаат поевтина нафта, поевтини трошоци, бенефициран стаж и сигурен откуп на земјоделските производи – рече Николовски.

Денеска СДСМ имаше и митинг во Македонска Каменица каде лидерот на опозициската партија потенцираше дека СДСМ ќе го врати стариот закон за пензионирање на рударите.

– Не може бенефициран стаж да има секој, а рударите да се мачат – истакна Заев.

Извор: Мета

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

e