СДСМ: Груевски излажа дека до 2 јануари 2017 година ќе има нов Клинички центар

Изградба на нов, модерен и функционален Универзитетски клинички центар во Скопје, најави во понеделник СДСМ.

„Ќе го вратиме концептот на единствен Универзитетски клинички центар во којшто сите клиники ќе бидат функционално поврзани“, велат од СДСМ.

Социјалдемократите потсетуваат дека завршило времето на лаги на досегашната власт.

„Меѓу најголемите лаги е најавата дека до 2 јануари 2017 година, Скопје и Македонија ќе добијат нов Клинички центар. Денеска е 2 јануари 2017. Нов Клинички центар во Скопје нема. Од ветувањето лично на Никола Груевски кој со Никола Тодоров на 2 јануари 2014 се шеташе покрај поставените тараби во Клиничкиот центар во Скопје, денес реалност се сѐ уште само тарабите“, додаваат од СДСМ.

Тие уште велат дека не е изградена ниту ветената Клиничка болница во Штип, најавената реконструкција на болница во Струмица, во лоша состојба се болниците во Прилеп, Охрид, Битола и речиси сите здравствени домови низ земјава во коишто нема основни услови за функционирање.

„Ние, како што се обврзавме во Планот за живот што го поддржавте, освен изградба на нов Универзитетски клинички центар во Скопје, ќе се спроведеме и темелно реконструирање и опремување на сите клинички болници низ Македонија“, порачуваат од СДСМ.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

e