Сасоли во понеделник доаѓа на прва официјална посета на Северна Македонија

Новоизбраниот претседател на Европскиот парламент, Давид Сасоли в понеделник и вторник ќе престојува во Северна Македонија, што ќе биде негова прва официјална посета на некоја држава надвор од ЕУ откако стапи на функција ова лето.

Тој доаѓа со порака до земјава, но и до Албанија, дека треба да останат на европскиот пат и покрај пречките кои се појавија на последниот Самит на лидерите на ЕУ.

– Посетата на Северна Македонија, и веднаш потоа на Албанија, е од најголема важност за мене лично во овој момент. Знаеме дека народите во двете земји се многу разочарани од неспособноста на Советот (на ЕУ) да постигне согласност за почетокот на пристапните преговори поради ветото на неколку земји членки. Ние ја разбираме и делиме оваа разочараност, вели Сасоли во пресрет на неговата посета.

Европскиот парламент непосредно по Самитот на ЕУ, на кој не беше донесена одлука за старт на преговорите со Северна Македонија и Албанија, усвои нова резолуција со која „ја осуди неспособноста на Европскиот совет да го испорача ветеното“.

Сасоли потсетува дека оваа резолуција беше изгласана со огромно мнозинство и тврди дека Европскиот парламент нема да молчи и ќе бара позитивна одлука од земјите членки на следниот состанок.

– Албанија и Северна Македонија ги исполнија реформите кои ги баравме од нив и сега заслужуваат да бидат наградени за нивните извонредни напори. Сакам да упатам повик до граѓаните, посебно младите генерации: не губете надеж, ве молам останете на европскиот пат. Европскиот парламент е со вас, истакнува Сасоли во соопштението со кое се најавува неговата посета на регионот.

Новиот претседател на Европскиот парламент сака да ги охрабри двете земји да продолжат со реформите и верува дека „и покрај одлагањето времето нема да биде изгубено“.

Според најавите, Сасоли во Скопје ќе се сретне со претседателот Стево Пендаровски, со премиерот Зоран Заев, како и со спикерот на Парламентот, Талат Џафери, а ќе разговара и со лидерите на политичките партии застапени во Собранието.

На почетокот на декември, Сасоли ќе ја посети и Тирана.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

e