РСЕ: За СЈО е јасно кој прислушкувал – „Пуч“ е ирелевантен

СЈО се откажа од обвинението за „Пуч“ со цел да бидат прибавени дополнителни докази кои не може да бидат прибавени во фазата на главната расправа. За СДСМ, со одлуката на СЈО пропаднал обидот на власта за прогон на политичките противници.

СЈО се откажа од обвинението за случајот „Пуч“, во кој обвинет е и лидерот на СДСМ, Зоран Заев. Од опозицијата беше поздравена одлуката, а од ВМРО-ДПМНЕ се уште нема реакција. Причината, според обвинителството, е поради тоа што фактичката состојба прикажана во обвинителниот акт е во спротивностсо доказите со кои располагаат и со наодите во истражните постапки „Таргет“ и „Тврдина“.

„Ваквата наша одлука е со цел да се приберат дополнителни докази што во целост ќе ја разјаснат фактичката состојба и ќе овозможат донесување на правилна и законита јавнообвинителска одлука“, се наведува во соопштението на СЈО.

Од обвинителството појаснуваат и дека со откажување од обвинението за случајот не прејудицираат дали некој е невин или виновен, туку сметаат дека за целосно и точно утврдување на фактичката состојба, потребни се дополнителни докази, кои не можат да бидат прибавени во фазата на главна расправа.

„Пропадна најголемиот, најочајниот и најнискиот обид за судски монтиран процес во независна Република Македонија, инициран од поранешниот премиер Никола Груевски“, реагираат од СДСМ.

Со одлуката, според СДСМ, се потврдило дека странските служби се измислица на Груевски и случајот ќе останел запишан во историјата како еден од обидите на власта за прогон на политички противници, но и доказ и поука оти никој не може да ја спречи правдата.

Судењето за случајот на последното рочиште беше одложено на неопределено време, бидејќи две од судијките поротнички немаа безбедносни сертификати. На судењето не се појави и сведокот на обвинителството, поранешниот премиер и лидер на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски.

Во случајот, освен Заев, обвинети се и поранешниот шеф на разузнавање Зоран Верушевски, неговата сопруга Соња Верушевска, како и Ѓорѓи Лазаревски, вработен во МВР и Бранко Палифров, вработен во Општина Струмица. Тие се товарат за неовластено прислушување, шпионажа и насилство спрема претставници на највисоките државни органи.

Во истрагата „Таргет“ на СЈО, осомничени се 10 лица од УБК дека од 2008 година до 2015 година незаконски прислушувале илјадници телефонски броеви. Но, уште поважно, обвинителството соопшти дека тоа не го правеле странски служби, како што упорно тврдеше ВМРО-ДПМНЕ, туку токму УБК.

Двата системи, пак, со кои се вршело прислушувањето, како што покажа истрагата „Тврдина“ биле уништени во 2015 од УБК и со амин на тогашната министерка за внатрешни работи Гордана Јанкулоска. Целта, според СЈО, била токму да се прикрие како се вршело прислушувањето.

За скандалот со прислушувањето немало да се дознае доколку еден од вработените во УБК, според доказите на СЈО, не одзел дел од аудио записите и транскриптите кои потоа завршиле кај Заев. Тука се испреплетуваат истрагите „Таргет“ и „Тврдина“ со „Пуч“.

Марија Митевска за Радио Слободна Европа

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

e