Првиот пожарникар на Скопје разрешен без објаснување

Нема образложение зошто скопските власти решија да го разрешат првиот човек на Противпожарна бригада кој ја вршеше оваа функција речиси 17 години.
Менковски е деградиран на две нивоа подолу, од командант, во помошник командир за оператива. Ниту тој, ниту Град Скопје не појаснуваат зошто дојде до промена во ова јавно претпријатие.
Нека одговори прво градоначалникот, Коце Трајановски, па потоа јас ќе дадам изјава. Во моето триесет-годишно работење во Противпожарната бригада нема никаква грешка. Речиси 17 години бев командир и одговорив на сите предизвици. -вели Менковски.
Според новите решенија функцијата командант на Противпожарна од сега ќе ја врши Ѕвонко Томевски. Според неофицијални информации Томевски работи во Бригадата уште од раните 90-ти години и е истакнат пожарникар. До сега работел како командир и со неговото унапредување направен е скок за две места, но од таму велат дека тоа не е невообичаено. Ниту вработените во Противпожарна не знаат зошто дојде до смена во раководството на скопските пожарникари. Извори од таму се сомневаат дека причина е инцидент кој се случил пред неколку месеци помеѓу братот на Менковски и уште еден вработен. Наводно, како што велат изворите, дошло до физичка пресметка меѓу заменик командирот и новиот пожарникар кој, велат, е син на возачот на градскиот татко, Коце Трајановски. Во пресметката, велат изворите, братот на Менковски завршил со телесни повреди, а синот на возачот не бил санкциониран ниту добил суспензија како што обично се случува во вакви ситуациии.
Менковски е пожарникар веќе четири децении и меѓу колегите важи за посветен и спремен. Вели дека нема петно во неговата биографија, ниту задача која не ја исполнил. За време на поплавите што го зафатија Скопје во август, Менковски вели дека беше секојдневно на терен.
Од друга страна дел од пожарникарите се незадоволни од управувањето со Бригадата. Велат дека недостасува опрема, но и соодветен кадар. Примените изминативе години, тврдат дека не се обучени, а се сомневаат и на вработувања по партиска линија. Освен тоа, велат дека недостасува соодветна опрема. Тврдат дека трите скали што ги има Бригадата се неисправни, а возниот парк дека е во просек стар 30 години. Од Град Скопје денеска не ни одговорија на прашањата за вередостојноста на овие тврдења.
Извор: 24 Вести

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

e