Потпишан договор за Годишната програма за вработување 2018

Денеска Министерството за труд и социјална политика, Агенцијата за вработување и долгогодишниот партнер на Република Македонија УНДП ја потпишаа Годишната програма за вработување 2018, за која се предвидени 8,3 милиони долари.

Министерката за труд и социјална политика, Мила Царовска во своето обраќање, зборуваше подетално за мерките и новитетите што Оперативниот план на активни мерки за вработување ги обезбедува.

„Тоа што е различно од претходните оперативни планови и што дава подобар ефект е тоа што мерките се прилагодени на потребите на работодавачите, на потребите и квалификациите на младите и ранливите групи и има можност за поврзување на мерките, што досега не беше случај. Значи имате можност да поминете обука, преквалификација или доквалификација и веднаш потоа да користите друга мерка што значи директно вработување. Дадовме можност мерките да ги користат и социјални претпријатија, но и граѓанските организации, бидејќи знаеме дека голем број млади луѓе се неформално вработени во овие организации и сега имаме можност за нивна формализација. И ниту една од овие мерки не значи ослободување од придонеси за здравствено и социјално осигурување, затоа што ние сме одговорна Влада, која што се грижи за иднината на фондовите и за идните генерации“ потенцираше министерката за труд и социјална политика, Мила Царовска.

Директорката на Агенцијата за вработување, Билјана Јовановска инфомираше за степенот на реализација на мерките од Оперативниот План за вработување и информираше дека забележителен е голем интерес за мерките и додаде дека во соработка со Владата на Република Македонија, доколку има потреба, ќе се обезбедат и дополнителни средства за да се зголеми опфатот на невработени лица.

„Најголем интерес е пројавен за мерката за субвенционирање на плати, каде веќе се поднесени апликации од 900 работодавачи за вработување на 1158 лица, а од страна на невработените лица се поднесени 965 апликации за учество“, соопшти директорката Јовановска.

По обраќањата, министерката за труд и социјална политика, Мила Царовска, Постојаната претставничка на УНДП, Лиуза Винтон и директорката на Агенцијата за вработување ја потпишаа годишната програма за вработување и изразија силни уверувања за нејзина успешна реализација.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

e