Пендаровски во Минхен: Добрососедските односи еден од клучните фактори за обезбедување стабилност во регионот

Претседателот Стево Пендаровски во рамки на посетата на Сојузна Република Германија и учеството на 56. Минхенска безбедносна конференција, вчеравечер говореше на тркалезната маса „Балкански дијалози“.

Говорејќи за добрососедските односи и соработка како еден од клучните фактори за обезбедување стабилност во регионот, претседателот Пендаровски, како што соопшти неговиот кабинет, се осврна на позитивните примери на Северна Македонија, односно Договорот од Преспа како и Договорот за добрососедски односи и соработка со Бугарија.

Нагласувајќи дека членството во НАТО како стратешка политичка и безбедносна цел за Северна Македонија, позитивно ќе влијае на стабилноста и просперитетот на целиот регион, претседателот Пендаровски изрази задоволство од динамиката и брзината на ратификувањето на Протоколот за пристапување во сите земји-членки. Во таа насока, претседателот истакна и дека процедурата во Шпанија за ратификација на протоколот за нашето членство во Алијансата се очекува да заврши до почетокот на изборите во нашата држава.

Осврнувајќи се на аспирациите на Северна Македонија за членство во Европската Унија, претседателот Пендаровски оцени дека намерата на ЕУ да игра поголема геополитичка улога во регионот е целосно прифатлива за нас. Додаде дека на нашата држава и на регионот не им е потребен само пристап до заедничкиот европски пазар, туку и прифаќање на европските демократски вредности кои во голема мера ќе ги забрзаат реформските процеси и градењето стабилни и отчетни институции.

Поздравувајќи го објавувањето на новата методологија за водење на пристапните преговори изрази очекување дека со усвојувањето на истата, ќе бидат создадени услови за доделување датум за почеток на пристапните преговори на претстојниот состанок на Европскиот совет во март 2020 година.

Меѓу останатото, претседателот Пендаровски се осврна и на економската соработка на државите од Западен Балкан и притоа ја истакна важноста на регионалните иницијативи, подвлекувајќи дека тоа во никој случај не претставува алтернатива за Европската Унија, туку дека ваквите иницијативи треба да се одвиваат паралелно со интеграцијата во Унијата. Во овој контекст, претседателот Пендаровски го повтори ставот дека сите земји од Западниот Балкан треба да ги препознаат предностите на регионалната соработка и час поскоро да станат дел од постоечките иницијативи.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ