Пендаровски ќе се сретне со Макрон идната недела во Париз?

Претседателот Стево Пендаровски на почетокот на идната недела во Париз ќе се сретне со францускиот претседател Емануел Макрон.  Оваа информација ја пренесе „360 Степени“, од каде пишуваат дека за средбата ги брифирал дипломатски извор. Од кабинетот на шефот на државата им одговориле дека нема официјална потврда за средба Макрон-Пендаровски.

Изворот на „360 Степени“, пак, како што пишуваат од таму, тврди дека средба ќе има, но дека се работи на утврдување на последните детали. Состанокот ќе се случи на маргините на познатиот Париски мировен форум, закажан за вторник и среда. Пендаровски ќе има можност од прва рака да го слушне ставот на Макрон за европската перспектива на Северна Македонија и лично да му ги пренесе аргументите и очекувањата на земјава.

Во пресрет на оваа средба од која се очекуваат одговори на повеќе дилеми кои висат во воздух, позитивни тонови доаѓаат од шефот на француската дипломатија, Жан-Ив ле Дриан, кој во интервју за грчкиот весник „Та Неа“, вели дека европската перспектива на Северна Македонија и на Албанија воопшто не е доведена во прашање и дека овие две држави се најзрели кандидати да ги започнат преговорите и да се зачленат во ЕУ по завршување на неопходните реформи.

„Ние го поддржуваме проширувањето, ние сме за отворање преговори, но треба да се исполнат условите и критериумите“, вели ле Дриан.

Притоа, тој наведува два принципа врз онова на кои Франција очекува да се реформира пристапниот процес пред Самитот ЕУ-Западен Балкан во мај идната година во Загреб. Првиот принцип е прогресивност, кој ќе предвиди конкретна полза за државата-кандидат и нејзиното население ако земјата напредува.

А вториот принцип е реверзибилност: земјата-кандидат да може да биде вратена на почеток ако бележи назадување при преговорите за членство. Ле Дриан воопшто не споменува услови што треба да ги исполни Скопје до мај идната година.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

e