Зголемување на регионалната соработка и натамошна интеграција во ЕУ преку имплементација на европските правила и стандарди на регионално ниво треба да биде основната цел на новата иницијатива за идно слободно движење на стоки, услуги и работна сила, рече претседателот Стево Пендаровски на денешната средба со српската премиерка Ана Брнабиќ во Белград.
Средбата со Брнабиќ е во рамки на официјалната посета на Пендаровски на Србија и на неа, како што соопшти Кабинетот на шефот на државата, беа разменети мислења за севкупните билатерални односи меѓу двете земји, како и за состојбите во регионот.
– Претседателот Пендаровски го реафирмираше интересот за натамошно интензивирање на севкупните билатерални односи на Северна Македонија со Србија, како две соседни и пријателски земји кои ги поврзува долга историска и културна традиција, а ја споделуваат и визијата за заедничка иднина во ЕУ, се наведува во соопштението.
Пендаровски истакна и дека Северна Македонија и Србија имаат одлични политички и економски односи, а со оглед на споделената цел за европска интеграција има простор за размена на искуства за претпристапниот процес за членство во ЕУ.
– Контактите на високо ниво меѓу официјалните претставници на двете држави се доказ за добрите односи и стабилниот и позитивен развој на соработката меѓу двете држави, истакна Пендаровски на средбата со Брнабиќ.