Задоволство ми е што сум повторно во Скопје, да ги видам пријателите и да разговарам за последните случувања во регионот, во Европа, рече Специјалниот претставник на државниот секретар на САД за Западен Балкан, Метју Палмер.
„Ова е прва посета од поголемиот број посети во регионот, ќе одам во Приштина, Белград, Атина. Доаѓам откако го ратификувавме протоколот за влез на Северна Македонија во НАТО, исто така по посетата на државниот секретар Мајк Помпео. Доаѓам да ја потврдам силната поддршка на Америка за Северна Македонија, нејзиниот европски пат и европската перспектива“, рече Палмер по средбата со министерот за надворешни работи, Никола Димитров.
По средбата со Димитров, Палмер ќе се сретне и со вицепремиерката и министерка за одбрана, Радмила Шекеринска, а потоа и со претседателот на Република Северна Македонија, Стево Пендаровски.
Фото: Стандард.мк