Николовски за “24 инфо”: ДУИ треба да замине во опозиција, тоа е добро и за неа и за државата

“Пари имало и ќе има. Работата е како ги трошиш. Домаќински и со план или расипнички и со трансфери на Белизе.” – вака генералниот секретар на СДСМ и носител на пратеничката листа во третата изборна единица, Љупчо Николовски, во интервјуто за 24 инфо ја објаснува суштинската разлика помеѓу понудата на СДСМ и онаа на нивниот најголем опонент на овие избори, која според него лежи во начинот на практикување на власта.

Остатoкот од интервјуто за 24 инфо следи во продолжение:

Коронавирусот донесе криза која ако ја погледнеме како здравствена и економска криза заедно, е најголемата која му се случила на човештвото. Тој двоен удар одеднаш е катастрофален. Светот не доживеа рецесија, тој едноставно замрзна. Тоа не се случило никогаш досега. Сега веќе сфаќаме дека вирусот за жал не си оди, дека мора да живееме со него и со мерките, со цел да ни се одрази што помалку во живеењето додека не се пронајде вакцината, вели за 24 инфо генералниот секретар на СДСМ Љупчо Николовски.

-Ова нема да трае вечно и преку одговорно живеење ќе се најде начин да економијата продолжи без да доживува нови сериозни удари. Во целиот свет, па и кај нас. Следствено, и плановите се во склад на овој очекуван развој на економските текови. Секако, многу е важно да сме здравствено спремни да се справиме со сето она што ќе следува. Токму затоа приоритетно е правењето на одговорна влада со чист мандат, која ќе има јасни цели за периодот што следува, како би можеле да се остварат и проектираните растови. Проекциите во нашата програма се реални и врз база на сето она што е остварено и она што не очекува наредниот период. Па така покачувањето на платите, пензиите, зголемениот поврат на ДДВ, 100% покриената зелена нафта за земјоделците, сето тоа е во рамки на реалните очекувања. Пари имало и ќе има. Работата е како ги трошиш. Домаќински и со план или расипнички и со трансфери на Белизе.

Носител сте на третата изборна единица заедно со Јагода Шахпаска. Противкандидат од најголемата опозициска партија ви е Игор Јанушев. Кои се вашите предности и се надевате ли на победа?

Гласачите пред се’, треба да размислат кој со нив е искрен, а кој не. Ги повикувам граѓаните да ги прочитаат програмите на нас и ДПМНЕ, ќе видат дека програмта на коалиција “Можеме” е многу поиздржана. Убеден сум во победата. Но, не е тоа клучно. Замислете на пример, да имаме две исти понуди. Гласачите сепак ќе треба да гласаат. И ќе гласаат за оној кој нема да ги лаже. Да ја земеме минималната плата. Тие велат дека ќе ја качуваат, а кога ние ја ставивме на дневен ред, ВМРО-ДПМНЕ гласаа против! Со кој образ зборуваат за поголема минимална плата? Ја држеа на 9.000 денари во нивно време. Реформи во правосудството е друго нешто. Ние го донесовме новиот закон за реформи во обвинителството со кој се направи првиот чекор кон конечно расчистување со корупцијата во судството! Од друга страна тие отворено се борат против случајот Империја и даваат се од себе тој и други случаи никогаш да не го видат светлото на денот.

Можам да набројувам уште многу. Имаме разлика и во самите носители. Истокот ме знае многу добро, зад мене немам ниту една дамка, а Јанушев за жал има еден куп афери за кои го обвинуваат. А ова што најново се слуша од него е грозно! “Ќе и даам бокс у фаца”, “Ќе ги убијам”.

Замислете, пред само неколку дена мачка очи дека сакал 40% од новата Влада да се жени. За што? Да им “мава боксови”?! Срамота луѓе. Сликата која политиката ја има кај нас е грда, арогантна, безобразна, опиена од власта и богатењето на сметка на народот. А причината се таквите како него. Сликата на политиката кај нас е сликата на Игор Јанушев за жал. Јас во политика влегов за токму тоа да го променам!

ДУИ отворено повикува на обединување на албанските гласови и постојано кажува дека е време за Албанец премиер. Ваше мислење за оваа состојба и има ли план за евентуална коалиција повторно со ДУИ?

Не ми се допаѓа ова што го гледам од ДУИ, но не ме чуди. Тие имаат сериозно нарушен рејтинг кај граѓаните и одат на ултра-популистичка карта, која не се свесни дека нема да им помогне, туку напротив, многу многу ќе им наштети. Тргнаа со идеја за некаков надпартиски кандидат Албанец за премиер, за на крај да се сведат на човек, кој само два дена пред да биде промовиран, ја критикуваше оваа идеја. Цитирам – „Слоганот за премиер Албанец не е голема идеја и не може да биде атрактивна за да се направи радикален пресврт кај гласачите“.
Ова не се мои зборови или на некој од СДСМ, туку зборови на Насер Зибери, дадени за медиумите два дена пред да биде официјализирано неговото име. Треба ДУИ да замине во опозиција, тоа е добро и за неа и за државата. Од многу години на власт, се случува само едно – се губи допир со реалноста. За нив и за сите е подобро тие да го отседат натпреварот на клупа.

На изборните листи овие избори како носители на листи се појавуваат жени во сите изборни единици. Какво е вашето мислење, дали можеби е дојдено време за жена Премиер на Македонија?

Не треба да е дојдено сега, тоа отсекогаш требало да биде “дојдено”. Не гледам причина за дискусии од овој тип, такво нешто не требало да е нормално одамна. Причината што воопшто ги имаме ваквите дискусии е тој потценувачки, игнорантен однос кон жените генерално и следствено, кон жените во политиката. Погледнете го срамното однесување на Јанушев во бомбите за него, каде вели “ќе ги убијам”, “ќе и даам бокс у фаца”… Ден претходно велеше 40% од владата на ВМРО-ДПМНЕ ќе биле жени.Тоа е тоа двојно лице на политиката со кое треба да расчистиме еднаш! Таа оставштина на политичари кои се гледаат себеси како недопирливи, семоќни луѓе. Но, не очекувам ништо друго од најдобриот ученик на Груевски.Убаво ја научил лекцијата како да биде ист како неговиот ментор.

Одите ли на предизборни средби, има ли страв од евентуална зараза од корона вирус?

Буквално од 8 до 22 часот сум на средби со граѓаните. Секојдневно. Да, постои загриженост, што е сосема нормално. Затоа се дава огромен акцент на условите во кои ќе се организираат овие избори. Имаме лекции од други земји, насоки и мерки од Светската Здравствена Организација, помош од земји членки на ЕУ итн. Изборите ќе бидат спроведени во максимална сигурност и безбедност за граѓаните кои ќе излезат. Не само безбедно како кога одат во маркет и слично, туку многу побезбедно и од тоа. Сепка, се работи за избори, треба да е убав ден, празник за демократијата, нема секако да се дозволи таква работа како неподготвеност да не спречи да имаме безбедни, сигурни, мирни и демократски избори кои ни се потрбени повеќе од било кога!

Земјоделството е област со која најмногу се занимавате. Каде се гледате во новата Влада?

Ќе бидам таму каде што ќе бидам најкорисен за граѓаните, таму каде што ќе можам најмногу да влијаам на остварувањето на плановите од оваа одлична програма која гарантира успех и чекорење нанапред во позитивен правец.

Во брак сте од неодамна. Што се смени во приватниот живот, кој е Љупчо Николовски приватно?

Ништо посебно не е променето. Ние се знаеме многу одамна. Дури бевме пар и во средношколските денови, па таа замина на студии во Словенија и направивме пауза во врската еден период, но потоа ја продолживме истата како да не се ни случил тој период во кој бевме разделени. Таа е прекрасна личност која ми дава огромна поддршка.

Извор: 24 инфо

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

e