Модернизација на АРМ со нови оклопни возила од САД

Откако собраниската Комисијата за одбрана и безбедност даде поддршка за набавка на лесни оклопни возила за потребите на Армијата, се очекува Владата на својата наредна седница на 24 декември да го склучи Договорот со американската Администрација, соопшти денеска Министерството за одбрана.

– Договорот се однесува на набавка на 33 лесни оклопни борбени возила наменети за опремување на Лесна пешадиска баталјонска група, која како членка на НАТО ќе је декларираме да биде на располагање на Алијансата. Оваа единица ќе учествува во НАТО операции и нејзината способност ќе биде индикатор за нашата подготвеност да ги преземеме обврските како земја членка, се наведува во соопштението.

Министерството изразува задоволство од „видливата едногласната поддршка“ за информацијата што им ја презентираше на пратениците на Комисијата и генерално за зголемените инвестиции во модернизација на Армијата.

– Притоа од страна на претставници на власта и опозицијата беше искажано задоволство што Армијата ќе добие нова и модерна опрема и што продолжува реализацијата на планот за модернизирањето на одбранбените капацитети на нашата држава. На  членовите на Комисијата им беше одржана видео презентација на техничките карактеристики на борбените возила, а претставници на Министерството за одбрана одговорија на сите прашања кои беа предмет на интерес на членовите на Комисијата, се додава во соопштението.

Министерството посочува дека набавката на возилата е само почеток во опремувањето на Лесната пешадиска баталјонска група кое ќе се одвива во две фази, при што во првата фаза која трае од 2019 до 2024 година треба да бидат набавени вкупно 151 возило.

– Лесните оклопни возилата се дел од планот за целосна модернизација на Армијата кој е веќе почнат и ќе се одвива етапно во наредните години. Во таа насока за 2020 година е предвидено околу 20 проценти од буџетот во одбраната да се намени за модернизација на капацитетите.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

e