Мила Царовска до избори ќе биде вицепремиер за економски прашања

Министерката за труд и социјална политика, Мила Царовска во техничката влада ќе го преземе ресорот на досегашниот вицепремиер Кочо Анѓушев и ќе биде вицепремиер за економски прашања, најави вчера премиерот Зоран Заев. Таа доаѓа на оваа позиција откако Анѓушев најави дека ќе се повлече од политика, но и бидејќи нејзиниот ресор ќе го преземе технички министер предложен од опозициската ВМРО-ДПМНЕ.

Како дополнителен заменик министер за труд и социјална политика во техничката влада е предложена Санела Шкријељ, актуелната шефица на кабинетот на министерката Царовска.

Вчера премиерот и лидер на СДСМ, Зоран Заев истакна дека за дополнителен заменик министер во МВР е избрана досегашната шефица на кабинетот на министерот Оливер Спасовски, Славјанка Петровска, бидејќи Спасовски ќе биде технички премиер.

„Гаранцијата за слободни, фер и демократски избори е важна. Власта сериозно сака да учествува во тој процес, бидејќи целиме кон демократскиот свет. На овие избори влегуваме како фаворити“, рече Заев по вчерашните седници на Централниот и извршниот одбор на СДСМ.

Инаку денеска лидерот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски ќе се сретне со лидерите на СДСМ и ДУИ, Зоран Заев и Али Ахмети со цел да им ги предложи имињата за технички министри, бидејќи со закон е предвидено тие да бидат прифатливи за владејачките партии.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

e