Манчевски: Мора да ставиме крај на беззаконието со непочитувањето на авторските права

Кога Собранието во 2018 година ги усвои законските измени со кои се забранува емитување на странски програми без регулирани авторски права, имаше согласност и од кабловските оператори и од националните медиуми како засегнати страни, но исто така постоеше и политички консензус, вели за Фокус, министерот за информатичко општество и администрација Дамјан Манчевски, откако ескалираше спорот на релација национални медиуми-кабловски оператори поради авторските права.

-Во тоа време, беше утврдено законските измени да важат по изборот на нов состав на Агенцијата за медиуми, која патем требаше да изготви потзаконски акти врз основа на законските измени, меѓутоа тоа одби да го стори. Сепак, поради политичката блокада на ВМРО-ДПМНЕ во матичното собраниско тело за избори и именувања, не беше возможно да се избере нов состав на Агенцијата, па Собранието пред распуштање едногласно изгласа законската измена од 2018 година да почне да важи – објаснува Манчевски.

Тој посочува дека во различни временски периоди имало отпор за дијалог кај една од засегнатите страни.

-Кога почна да се пролонгира примената на законската измена од 2018 година, проблемот остана кај националните медиуми, со тоа што продолжија да не се почитуваат авторските права. Сега, откако тој почна да важи, кабловските оператори бараат да не важи одредбата што предвидува кривична одговорност за одговорните лица во кабловските оператори за непочитување на законот – вели Манчевски.

Тој апелира проблемот со непочитување на авторските права да не се префрла на сметка на граѓаните, особено, како што истакнува, во предизборен период.

-Решението е во седнување на маса и заедничко решавање на проблемот. Решение има, само треба да постои и волја. Факт е дека мора да ставиме крај на беззаконието со непочитувањето на авторските права, кое е стандард во сите европски земји. Исто така, факт е дека со подзаконски акти треба да се допрецизира имплементацијата на законот со цел да не постои страв од неоправдана одговорност. Апелираме на разум и дијалог. Владата стои на располагање колку што може да помогне во овој процес – порачува министерот за информатичко општество и администрација.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ