Македонските возачки дозволи се признаени во уште една европска земја

Билатералниот договор меѓу Македонија и Германија за меѓусебно признавање на возачките дозволи е постигнат, велат извори на Дојче веле. Отстранети се последните пречки, и со тоа, македонските државјани кои живеат или работат во Германија ќе можат да ги заменат своите матични возачки дозволи за германски.

Тоа е особено важно како за македонските државјани кои имаат постојано живеалиште во Германија, но и за оние кои често патуваат во земјата, бидејќи досега правото да управуваат со моторно возило во Германија го имаа само во првите шест месеци од престојот. Потоа, мораа да полагаат одново возачки испит- што чини и пари и време.

Државите од Балканот кои не се членки на ЕУ потпишуваат билатерални договори со Германија за регулирање на ова прашање. Србија и Босна и Херцеговина веќе извесно време имаат такви договори, но Македонија немаше.

Преговорите меѓу надлежните министерства во Берлин и Скопје околу меѓусебното признавање на возачките дозволи траат повеќе од една деценија, од 2007 година. Иако во јавноста имаше многу претпоставки околу тоа која е причината за одолговлекувањето, дознаваме дека клучниот проблем бил на македонска страна. Имено, македонското МВР долго време инсистирало германските државјани кои сакаат да им се признаат возачките дозволи во Македонија да полагаат психолошки тест. Сега конечно таа пречка е отстранета, а МВР се согласило да го повлече тој услов. Останува македонските министерства за транспорт и внатрешни работи, од една, и германското министерство за сообраќај, од друга страна, да го детализираат текстот на билатералниот договор, и тој конечно да се потпише. Од македонското МВР попладнево за ДВ потврдија дека „постапката за потпишување на Заедничката декларација за намера за процедури за замена на возачки дозволи е во завршна фаза“. Во МВР очекуваат последното отворено прашање да биде решено на координативен состанок закажан за в понеделник 19 февруари.

Оттаму уште велат дека заедничката декларација која ќе биде потпишана со Германија не подложи на ратификација, па оттука договорот ќе стапи на сила на денот на неговото потпишување.

Македонските иселеници во Германија минатата година покренаа и онлајн- петиција со цел да се забрза постапката за признавање на возачките дозволи. Бројот на македонски државјани кои живеат и работат во Германија во изминативе години достигна 100 илјади. Голем број од нив се соочуваат со проблеми во секојдневието и во извршувањето на работните задачи поради тоа што немаат валидна возачка дозвола. Полагањето за нова, германска, возачка дозвола во просек чини околу 1.500 евра.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ