Лош ви е СОС-от, ќе ви се распадне мумијата

Претседателот Ѓорге Иванов во Каиро имаше средба со претседателот на Египет, Абдел Фатах Ал–Сиси, на која, барем според официјалното соопштение, меѓу другото се разговарало за разузнавањето, како и за „електронското војување и сајбер одбраната“.

Ако се знае дека во исто време во Скопје почна судењето за случајот „Тврдина“, нема сомнежи дека Иванов имал што да го подучи колегата Ал-Сиси за македонските искуства во „сајбер одбраната“. Упатените велат дека Ал-Сиси останал со подзината уста и се скаменил како свинга кога Иванов му ги кажал малите тајни на врвните мајстори во разузнавањето и особено во сајбер одбраната.

За отстранување мозок во медицината постои израз – децеребелација. Различно е од десоросоизацијата, но целта се сведува на исто – да ви го извадат мозокот!

– Кога ќе се најдете под закана од откривање на сѐ што сте прислушувале за време на разузнавањето, пристапувате кон сајбер одбрана – му рекол Иванов на колегата од Египет.
– Како тоа? – прашал Ал-Сиси.
– Системите и опремата со товарни возила, сопственост на полицијата, ги носите во правно лице кое има отпад за старо железо. Откако целата опрема и системи се ставени во пресата за ништење и пресување, остатоците мора да бидат избалирани. Потоа се товарат балираните делови и се упатуваат во друго правно лице, каде што се ставаат во дробилка…
– Во дробилка?
– Да, да, звучи шашаво, но функционира. И потоа повторно се дробат.
– И тоа е сѐ?
– А не, има и други фази потоа, аболирање на сторителите, украсување со сваровски на судијките и слично, ама за тоа другпат ќе ви расправам, да не ме чека Маја во хотел.

Малку посрамен што не ги знае овие најсовремени технологии на сајбер војување, Ал-Сиси инсистирал и тој да се покаже дека и во Египет знаат по нешто, иако помлада цивилизација од македонската, па се понудил да му открие на Иванов како се прави мумификација.

– Работата за да биде завршена како што треба – рекол Ал-Сиси – потребно е да се вложат многу вештини и трпение во балсамирањето и мумификацијата. Откако телото на починатиот ќе се измие во вино, мозокот се извлекува низ нос, со помош на кука. Потребна е голема вештина ова да се изведе на правилен начин. Главата треба да остане нечепната, а мозокот да биде изваден.
– И тоа е сѐ?
– А не, има и други фази потоа: сушење, премачкување, завиткување на телото, а исто има и украсување со скапоцени камења на посмртната маска, ама за тоа другпат ќе ви расправам, да не ве чека Маја во хотел.

Извори од двата кабинета велат дека претседателите биле презадоволни од разменетите искуства. Особено Иванов, кога сфатил дека првата фаза од мумифицирањето ние ја имаме усовршено и сме подготвени за вечен живот.
А дека навистина имаме егземплари со веќе завршена прва фаза мумификација не сведочи само случајот „Тврдина“ туку и начинот на кој тоне македонскиот „Титаник“. Наместо капетанот да ги замоли патниците да го напуштат бродот што тоне, како што би било разумно, тој испраќа СОС сигнали со обратна порака – што повеќе луѓе да се качат на бродот за да потонат заедно со него.

Сите имаме семејство. Сите сме егзистенцијално загрозени. Ама, извинете, не сме дозволиле сите со кука преку носот да ни го извадат мозокот

Палубата на македонскиот „Титаник“ е полна со луѓе подготвени да потонат заедно со својот пастир. Некои за тоа зеле пари, некои му станале клиенти за поситни или покрупни бенефиции, а има и такви кои доброволно ја поминале првата фаза од мумификацијата убедени во вечниот живот на режимот. Сеедно.

Кога патувате со брод, најевтината опција ви е да земете столче на палубата. Ова седиште се нарекува полтрона. Слично се нарекуваат и луѓето што ги исполнија седиштата на македонскиот „Титаник“ – полтрони.

Целата колумна на Сашо Кокаланов објавена на Призма може да ја прочитате тука

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

e