Ќе има ли брзо решение на спорот?

И денеска се чека најавениот телефонски разговор или можеби евентуалната средба меѓу премиерите на Македоија и Грција, Зоран Заев и Алексис Ципрас. Соединетите Американски Држави и денеска преку изјава за грчката новинска агенција АНА – МПА испратија охрабрување и поддршка до властите во двете земји да најдат заемно прифатливо решение.

„Соединетите американски држави, продолжуваат да ги поддржуваат разговорите што се во тек под покровителство на Обединетите нации за решавање на прашањето со името. Ги охрабруваме лидерите на двете земји да најдат заемно прифатливо решение во интерес на евроатлантската интеграција, на економскиот просперитет, на мирот и стабилноста во регионот“ – Стејт департмент

И додека јавноста во Македонија и Грција калкулира со времето кога би се остварил телефонскиот разговор или евентуалната средба меѓу премиерите на Македонија и Грција, Зоран Заев и Алексис Ципрас, споменувајќи денови и часови, македонското Министерство за надворешни работи вчера попладне излезе со став дека во процесот на преговорите за решавање на името поважен е квалитетот, отколку роковите. МНР нагласува дека во текот на разговорите била покажана добра волја и бил постигнат добар резултат.
„Квалитетот на текстот на договорот и потребата од постигнување на трајно и одржливо решение прифатливо за двете страни, се далеку поважни од потребата процесот да се финализира во каков било рок“ – МНР

Соопштението на македонското МНР вчера по објавувањето беше коментирано во Грција од страна на владини претставници. За грчката новинска агенција АНА-МПА, владиниот претставник чие име не е соопштено вели некои, за жал, инсистираат да играат игри, иако има добар договор на маса, што, како што рече премиерот на ПЈРМ, треба набргу да се затвори. Речиси во исто време кога беше објавено соопштението на МНР изјава за медиумите даде и македонскиот премиер Заев, за време на посетата на Желино, во која потенцира дека решението за името ќе биде многу брзо, но додаде дека не би давал други коментари освен заедничкото соопштение на МНР.

Во меѓувреме во Грција, завчера се одржаа протести во 24 градови на кои се бранеше „грчкиот карактер на Македонија“, а веќе за денеска закажан е и нов протест во Атина, зад кој стои организација под името „Комисија за заштита на правата на влашки Грци што живеат во Скопје и заштита на грчкиот карактер на Македонија“.

Во однос на решенито за името, Атина веќе извесен период вели очекува позитивен одговор од премиерот Заев, во однос на употребата на името, односно ерга омнес е главното прашањето на кое што, според грчките медиуми, Грција очекува позитивен одговор од Скопје. Сепак и покрај тоа што ниту македонската ниту грчката страна, јавно и официјално не ги отвораат картите дали постои договор, медиумите во Грција, веќе неколку денови тврдат дека е договорено „Република Северна Македонија“.

Извор: 24ТВ

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

e