Грчките погранични власти ќе имаат можност привремено и делумно да го суспендираат новиот ЕЕС (Entry/Exit System) систем за пасошка контрола. Доколку се создадат километарски колони, регистрацијата на патниците ќе се врши без земање биометриски податоци.
Оваа отстапка првично важи до 8 јули годинава, со опција автоматски да биде продолжена до 6 септември 2026 година, со цел да се обезбеди нормален проток на возила на копнените гранични премини за време на шпицот на туристичката сезона, објави 4news.mk
Официјална потврда од Атина по притисокот од јавноста
Информацијата произлегува од официјалните одговори на пратенички прашања кои ги достави заменик-министерот за заштита на граѓаните на Грција, Јоанис Ламбропулос. Ова следува по честите реакции во јавноста и огромните застои кои се создаваат на преминот Евзони.
Иако според европската регулатива новиот биометриски систем за државјани од трети земји е задолжителен и комплетно ги заменува печатите во пасошите, Брисел сепак остави правен механизам за кратенка на процедурите во вонредни сообраќајни околности.
Што вели регулативата на ЕУ? Од 10 април 2026 година е задолжителна регистрација во системот за сите преминувања. Меѓутоа, во текот на првите три месеци од функционирањето, земјите членки имаат право привремено да ја суспендираат постапката за земање биометриски податоци на конкретен премин кога тоа е неопходно за да се спречи колапс на сообраќајот. Регистрација на пасошот ќе има, но без земање отпечатоци и фотографирање.
Нема да има киосци: Контрола со таблети од кабините
Заменик-министерот Ламбропулос детално појаснува дека на копнените премини нема да бидат поставени автоматизирани киосци за саморегистрација на патниците (Self Service Kiosks). Наместо тоа, полицијата ќе работи со преносна опрема директно од кабините.
За справување со метежот, набавени се две технички решенија:
Преносливи станици за пасошка контрола (portable solutions) наменети за зголемените потреби на пограничните точки.
Рачни таблети за контрола (handheld solutions) со кои побрзо ќе се процесираат возилата.
Расте револтот кај грчките хотелиери и соседите
Притисокот врз грчката Влада за овој проблем секојдневно расте. Хотелиерската федерација на Грција веќе испрати остар допис до надлежните министерства, предупредувајќи дека новите контроли создаваат негативни впечатоци кај туристите кои доаѓаат по копнен пат и директно го загрозуваат патниот туризам.
Проблемот го призна и грчкиот министер за заштита на граѓаните, Михалис Хрисохоидис. Тој потврди дека добил сериозни поплаки за ЕЕС системот од неговите колеги од Северна Македонија и Србија, лоцирајќи го проблемот не само во новите правила, туку и во застарената инфраструктура на грчките гранични премини.
