Германски модел за кандидатските листи на СДСМ

Социјалдемократскиот сојуз на Македонија ќе се обиде да се приближи до германската политика на следните избори преку искуствата на тамошните најголеми партии кога се работи за родовата еднаквост. На оние партии од прогресивниот политички пејсаж. Германските Зелени уште одамна го воспоставија принципот на копретседатели на партијата, кадешто на тие места секогаш се една жена и еден маж. Од јануари 2018 година партијата ја раководат Аналена Бербок и Роберт Хабек. Токму под нивното водство Зелените имаат неверојатен подем во анкетите (постигнаа извонреден успех на европските избори) и се само неколку процентни поени зад ЦДУ. Многумина во Германија мислат дека харизматичниот Хабек ќе биде идниот премиер по изборите во 2021 година.

Минатото лето и Социјалдемократската партија на Германија (СПД) тргна по тие патеки и го избра новото лидерство кое е претставено како тандем. Со оваа револуција во СПД на чело на партијата се копретседателите Заскија Ескен и Норберт Валтер-Борјанс. На овој начин СПД сака да биде дел од моментумот во прогресивниот дел на германското општество.

За овие избори СДСМ сака да направи една мала револуција во сопствената политика при составувањето на кандидатските листи. Според извори од партијата веќе се подготвува концепт за целосно поинаков настап на парламентарните избори закажани за 12 април. На чело на изборните листи во шесте изборни единици ќе биде дуо од една жена и еден маж и тие двајца ќе бидат рамноправни лидери. Лидерските двојки би имале рамноправен настап и во текот на изборната кампања и во претставувањето на партиската програма, со што практично ќе ја демонстрираат политиката на целосна родова еднаквост. Социјалдемократите сметаат дека со ваквиот концепт ќе направат политика сосем поинаква од досегашната во Македонија. Нивните проценки се дека ќе привлечат значаен дел од неопределените гласачи, но ќе дадат позитивен пример кој во иднина ќе го следат и другите политички партии, што ќе биде значаен исчекор во целосната еднаквост меѓу мажите и жените во Македонија. Објаснувањата од СДСМ се дека ова е „двојно посилна понуда“.

Политиката за целосна родова еднаквост лидерот на СДСМ, Зоран Заев, ја најави уште во ноември минатата година, на свеченоста по повод 20-годишнината од Форумот на жени на СДСМ.

„Ние сме предводници и на концептот 50-50 на застапници на жените во политиката, не како бројка, туку како суштина, како квалитет. На следните изборни листи СДСМ ќе има 50-50, целосна еднаквост“, најави тогаш Заев.

СДСМ беше застапник и на идејата целосната родова рамноправност да биде и законски гарантирана. Во измените на Изборниот законик, што ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ ги блокираа со илјадници амандмани, СДСМ го поддржа предлогот во Изборниот законик децидно да стои дека на листите за кандидати за пратеници соодносот меѓу мажите и жените ќе биде еднаков. Но овој предлог не помина поради собраниската блокада.

Извор: Независен.мк

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

e