(ФОТО) Спасен животот на 42-годишен пациент откако лекарски тим на Клиника за кардиологија успешно изведе стентирање на трауматска трансекција на торакална аорта

Лекарски тим на Клиниката за кардиологија во Скопје, за првпат самостојно изведе стентирање на трауматска трансекција на торакална аорта. Кај 42-годишен пациент, после сообраќајна незгода, со повеќе скршеници на коски и повреда на белите дробови, дијагностицирано е раскинување на зидот на аортата. Ова е животно загрозувачка повреда која носи ризик од масивно крварење, без можност за прекин, поради што смртноста е скоро 100%.

На клиниката итно бил организиран тим од двајца интервентни кардиолози (Жан Зимбаков, Оливер Бушљетиќ), васкуларен хирург (Мишел Андов) и анестезиолог (Стефанија Хаџиевска). Во ангио-сала на клиниката, кај пациентот, во целосна анестезија, била направена хируршка препарација на артерија на ногата, со што било отворено место во артеријата за да се внесе посебен вид на стент обложен со материјал.

Стентот со дијаметар 30 мм и должина 200 мм, бил поставен веднаш после артерија субклавија, односно артеријата која носи крв во левата рака и главата. Сложеноста на оваа процедура е позиционирањето на стентот. Тој треба да го покрие раскинувањето на зидот на аортата, кое било на самиот отвор на артеријата за раката, но притоа стентот да не го прекине протокот на крвта за раката и главата.

Процедурата поминала уредно, со целосно покривање на оштетувањето на аортата и со зачуван проток кон раката и главата. Артеријата на ногата хируршки била “сошиена”, а пациентот бил успешно разбуден после анестезијата.

“Стентирањето на аортата, успешно го изведуваме при аневризми (проширувања) на дел од градната  и стомачна аорта. Тоа ни овозможи да ја примениме оваа техника и кај вакви итни состојби, кои се со висока смртност.

Овие процедури, заедно со ТАВИ процедурите (не-хируршко поставување на аортна валвула), стентирањето  на артериите на вратот и нозете, се дел од секојдневната работа на клиниката, со голема бројка на интервенци. Тоа е неопходнои основно, пред многу други работи, за да се постигне висок квалитет и успех кај овие процедури. Со високиот број на интервенции и целосната материјална опременост која ја имаме, нашиот центар е единствен и водечки во земјата, и на ниво на најголемите европски центри” изјави д-р Жан Зимбаков, директор на клиниката.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

e