Дескоска: Општествата со силни, независни и непристрасни механизми за борба против корупцијата имаат подобар квалитет на живот

Прочистувањето на корупцијата е најзначајниот процес во државата, порача министерката за правда Рената Дескоска во денешното обраќање на Осмата сесија на Конференцијата на државите потписнички на Конвенцијата на Обединетите нации против корупцијата (UNCAC).

-Корупцијата претставува закана за демократијата и владеењето на правото. Општествата со силни, независни и непристрасни механизми за борба против корупцијата се општества со значително подобар квалитет на живот. Прочистувањето на корупцијата во општеството е мошне предизвикувачки процес, но тоа е најзначајниот процес во една држава кој води кон подобро образование, здравство, административни услуги, подобар и поеднаков пристап до правда за нашите граѓани, истакна Дескоска.

Во своето обраќање ги наведе постигнувањата на Министерството за правда во насока на зајакнување на антикорупциската рамка и имплементација на препораките на Конвенцијата на ООН против корупција (UNCAC), а како најзначајно постигнување го наведе донесувањето на новиот Закон за спречување на корупцијата и судирот на интереси.

-Како резултат на дискусиите и експертските препораки добиени во рамки на спроведувањето на вториот циклус на преглед на имплементацијата на Конвенцијата, воведена е целосно транспарентна постапка за избор и именување на претседателот и членовите на Државната комисија за спречување на корупцијата, во која учествуваат и граѓанскиот сектор, новинарите и медиумите, а утврдени се зајакнати услови кои треба да ги исполнуваат кандидатите за претседател и член на оваа Државна комисија, потенцираше Дескоска.

Конференцијата на државите потписнички на Конвенцијата на Обединетите нации против корупцијата се одржува на секои две години, а целта на одржувањето е проверка на напредокот на државите потписнички на конвенцијата. Конвенцијата на Обединетите нации против корупцијата (UNCAC) е дел од македонскиот правен поредок, а нејзината имплементација е предмет на ревизија. в

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

e