Царовска на 75-годишнината од ослободувањето на Аушвиц-Биркенау: Големата трагедија никогаш да не се повтори

Големата трагедија која е врежана во нашата меморија, никогаш да не се повтори, порача вицепремиерката Мила Царовска која ја предводи македонската официјална делегација на 75-годишнината од ослободувањето на германскиот нацистички концентрационен логор Аушвиц-Биркенау.

-Денес одбележуваме 75 години од ослободувањето на најголемиот нацистички концентрационен логор Аушвиц-Биркенау, во кој животот го загубија над еден милион луѓе, најголемиот број од нив Евреи. Со одбележувањето на овој ден се потсетуваме на сите жртви на Холокаустот, помеѓу нив, над 7.000 Евреи од Скопје, Битола и Штип кои во март и април 1943 година беа депортирани и убиени во нацистичкиот концентрационен логор Треблинка. Оваа огромна човечка трагедија е врежана во нашата колективна меморија, не потсетува дека не смееме да дозволиме никогаш повеќе да се повтори. Токму затоа Владата на Република Северна Македонија посветено работи и има цврста определба на сочувувањето на сеќавањата и вистината за Холокаустот, истакна Царовска по комеморацијата за изгубените човечки животи во концентрациониот логор.

Се бориме, дополни, и ќе продолжиме да дејствуваме против каков било вид дискриминација, спречување на говорот на омраза, превенирање и спречување на расизмот и на сите други форми на кршење на човековите права.

Во присуство на преживеаните од нацистичкиот концентрационен логор Аушвиц-Биркенау и стотици официјални лица од многу држави во Европа и светот, денес на местото на поранешниот логор во Република Полска, беше одбележан Меѓународен ден на сеќавање на жртвите од Холокаустот, кој со одлука на Генералното собрание на ООН е утврден да се одбележува на 27 јануари.

На комеморацијата се обрати претседателот на Република Полска, Анджеј Дуда, но главни беа обраќањата на преживеаните од Аушвиц, кои ги раскажаа горчливите искуства и повикаа на разум – вакви трагедии никогаш повеќе да не се случат.

Во македонската официјална делегација имаше и претставник на Еврејската заедница од нашата земја.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

e