Брисел не ја коментира посетата на Курц и стои на ставот: Да се одвои партијата од државата

Европската комисија денеска не сакаше да го коментира учеството на австрискиот министер за надворешни работи на Себастијан Курц на партискиот митинг на ВМРО-ДПМНЕ и неговата државничка средба со шефот на македонската дипломатија Никола Попоски.

На прашање од „Мета“, како ја коментираат ваквата посета на висок претставник на земја-членка на ЕУ, од Брисел велат дека стојат зад изјавата која на 18 ноември ја даде евроамбасадорот Самуел Жбогар и амбасадорите на земјите-членки на ЕУ во Македонија за претстојните извори.

Евроамбасадорот и европските дипломати тогаш во пишаната изјава истакнаа дека претстојните избори се шанса за земјата за еден нов почеток и за единство за стратешките цели и за враќање кон евроатлантскиот пат. Тие ги повикаа политичките лидери, партиите и учесниците во изборите да ја реафирмираат и да ја демонстрираат својата посветеност кон демократските вредности, владеењето на правото, да спроведат кампања без заплашувања и насилство, кои нема да поттикнат меѓуетнички тензии и апелираа да се одвои партијата од државата.

„Сакаме да потсетиме на важноста од јасното одвојување на државата од партиските активности, пред, за време и по изборите. Ги повикуваме медиумите да им овозможат на граѓаните разновидни и објективни информации. Апелираме до сите државни институции да ја поддржат работата на Државната изборна комисија“, стои во изјавата.

Од Брисел, за посетата на Курц и неговата улога упатуваат на австриското министерство за надворешни работи.

Шефот на австриската дипломатија денеска по средбата со Попоски, рече дека на вчерашниот митинг на ВМРО-ДПМНЕ присуствувал како член на Европската народна партија и тука нема ништо спорно.

– Овде сум како австриски министер за надворешни работи. Вчера бев на настан на партијата, присутен како претставник на Народната партија на Австрија. За мене не е невообичаено да се посетуваат настани на сестрински политички партии. Во мојот говор не им посочив на луѓето за кого да гласаат. Ги повикав да излезат на избори, а одлуката треба тие да ја донесат – рече Курц.

Мета

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

e