Апелацискиот суд ја одби жалбата на СЈО за изземањето на судијката од „Трезор“

Апелацискиот суд Скопје ја одби жалбата на Специјалното јавно обвинителство (СЈО) против одлуката на претседателот на Основниот суд Скопје 1, Владимир Панчевски, кој не го прифати барањето за изземање на судијката на претходна постапка што треба да одлучува за мерките за претпазливост за тројца осомничени во случајот „Трезор“.

Специјалното јавно обвиниетелство бараше изземање на судијката поради сомнеж во нејзината непристраност. Поточно, деверот на судијката, односно братот на нејзиниот сопруг, работи за фирма која е во блиски деловни односи со фирмата „Финзи“.

„Апелацискиот суд ги ценел наводите во жалбата на СЈО, но ги одбил како неосновани и утврдил дека претседателот на првостепениот суд правилно постапил кога согласно одредбите од член 33, став 2 од Законот за кривична постапка, со образложено решение, го одбил барањето за изземање на судијата бидејќи не постојат околности што предизвикуваат сомневање за непристрасност на судијата за кој се бара изземање“, стои во соопштението од Кривичниот суд.

Минатата недела Апелацискиот суд ја отфрли и жалбата на СЈО против одлуката на Кривичниот суд да не му одреди притвор на еден од осомничените во „Трезор“.

СЈО на крајот на септември го презентираше случајот „Трезор, во кој осомничени се три раководни лица од Управата за безбедност и контраразузнавање (УБК) и едно лице од МВР.

Според СЈО, осомничените преку фирмата „Финзи“, со која во еден период управувал сега починатиот Коста Крпач, набавувале опрема за УБК и го оштетиле буџетот за 862.045 евра.

Извор: Мета.

За поврзани вести продолжете надолу

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

e