86 милиони евра од ЕБОР за реконструкција на 400 километри регионални и локални патишта

Преку 400 километри регионални и локални патишта ќе бидат реконструирани со средства во износ од 86 милиони евра кои Европската банка за обнова и развој (ЕБОР) и ги додели на Македонија. Делегација предводена од претседателот на Владата на РМ Зоран Заев, во која е и министерот за финансии Драган Тевдовски, денеска остварија средба со претседателот на ЕБОР Сума Чакрабарти во Лондон.

На средбата беше потпишан договор за користење на 86 милиони евра – втора транша од заем од вкупно 181 милиони евра од ЕБОР за подобрување на македонската инфраструктура. Со втората транша е предвидено да се реконструираат 26 делници од регионални и локални патишта.

Како што истакна министерот за финансии Драган Тевдовски денеска на средбата, унапредувањето на инфраструктурата е еден од приоритетите на Владата и дека соработката со ЕБОР ќе придонесе за подобрување на транспортните врски во земјата, но и за регионално поврзување.

Претседателот на ЕБОР Чакрабарти посочи дека банката е задоволна што може да придонесе за развој на инфраструктурата во Македонија, но и за регионалната интеграција преку вложувања во патишта. Тој посочи дека инфраструктурата ќе придонесе кон економскиот развој на регионот преку олеснување на трговската размена и подобрување на условите за водење бизнис.

Освен подобрување на инфраструктурата во земјата, регионалното поврзување, подобрување на безбедноста на патиштата, ваквите инвестиции ќе придонесат и кон поддршка на приватниот сектор и градежништвото во земјата. Со овие проекти се отвора нова работа за македонските градежни компании кои се јавуваат како изведувачи и подизведувачи.

Оваа инвестиција е поддржана од техничките кооперативни фондови на Централната Европска Иницијатива обезбедени од италијанската влада.

ЕБОР инвестира во македонската економија од 1993 година. Банката досега потпишала 90 проекти во земјата во износ од 1,6 милијарди евра.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

e