ЈП „Комуналец“ – Крива Паланка упати апел до граѓаните за рационално и одговорно користење на водата за пиење, нагласувајќи дека станува збор за скапоцен ресурс кој треба да се користи исклучиво за потребите на домаќинствата.
Од претпријатието бараат водата за пиење да не се користи за наводнување на земјоделски култури, полнење бунари и базени за рекреативни цели, миење моторни возила, перење теписи, како и за други намени што предизвикуваат прекумерна потрошувачка.
„Капацитетот на резервоарите и водоснабдителниот систем не е предвиден за ваков вид потрошувачка, туку за обезбедување вода за пиење и за секојдневните потреби на домаќинствата“, посочуваат од ЈП „Комуналец“.
Оттаму предупредуваат дека поради ненаменското трошење на водата, особено во селата Конопница, Скрљава, Баглак и други населени места, се јавува недостиг од вода за домаќинствата.
Од ЈП „Комуналец“ – Крива Паланка апелираат до граѓаните да покажат одговорност и солидарност, со цел да се обезбеди непречено водоснабдување за сите корисници, особено во периодот на високите летни температури.
