Основниот суд во Кавадарци му изрече мерка задолжително психијатриско лекување во здравствена установа на 27-годишниот Игор Р., обвинет за убиството на својата мајка во Росоман.
Според вештачењето на психијатрите, обвинетиот е непресметлив на неопределено време и не го разбира значењето на своите постапки, поради што е сместен во Психијатриската болница „Негорци“.
Убиството се случи на 30 март, кога тој со кујнски нож ја усмртил својата мајка додека спиела, а потоа самиот се пријавил во полиција. Од претходно бил евидентиран поради агресивно однесување и во 2023 година бил хоспитализиран во психијатриска установа.
