Труењето со храна е честа појава на лето и затоа потребно е поголемо внимание која храна и како се внесува. Високите температури и влажност се идеални услови за размножување на бактерии кои можат да предизвикаат труење. Сепак не сакате беспотребно да си го расипете одморот, нели?
Една од главните причини за летно труење е неизмиеното овошје и зеленчук. Особено во овој период треба добро да се отстрани нечистотијата и евентуално присутните инсекти од нив. А зготвената храна треба да се внимава да биде добро термички обработена на висока температура.
На која храна треба да внимавате
1. Млеко и млечни производи – особено ако не ги купувате од продавница;
2. Јајца – освен ако сами не си ги приготвите;
3. Месо – избегнувајте ги сомнителните сендвичари и откажете се од мелено месо на лето;
4. Мајонез – ако не е купен за домашна употреба, обидете се да преживеете без него;
5. Намирници кои не се доволно термички обработени.
Како да се заштитите
1. Не ја оставајте храната на собна температура подолго од 2 часа;
2. Внимавајте да биде правилно термички обработена;
3. Одвоете ги готвените и суровите намирници – многу често доаѓа до пренос на микроорганизмите од една на друга намирница;
4. Одржувајте ја чистотата на рацете, сите површини и приборот;
5. Ако на пат носите храна од свежи намирници и такви кои лесно се расипуваат, носите два рачни преносливи фрижидери: еден за храната која секојдневно ќе ја консумирате и друг за таа што постепено ќе ја трошите;
6. Сендвичите кои цел ден стојат на сонце – не се паметна идеја!
Кои се симтомите и што да превземете?
Ако и покрај сите совети и внимавање, сте успеале да „накачите“ некое труење, постојат генерални симптоми кои треба да ги препознаете за да ги преземете неопходните мерки што побрзо.
Првите симптоми на труење со храна се дијареја и повраќање, а можат да бидат пропратени и со температура, стомачни болки и чувство на слабост. Првата работа што треба да ја направите при овие симптоми е надоместување на изгубените течности.
При полесно труење потребно е неколку дена да внесувате доволно чај од камилица или нане, а потоа да продолжите со полесни оброци. Супата е исто така добар избор, бидејќи ги надоместува изгубените минерали. Следни на менито треба да ви бидат ориз и моркови, пире од компири и бело месо.
Крајната фаза, доколку не ви помогне лечењето „на своја рака“ е посета на лекар и инфузии кои ќе ви помогнат да ги надоместите изгубените течности и минерали интравенозно.
Во случај на потешки компликации може да дојде до навлегување на бактериите во крвта, воспаление на црниот дроб, воспаление на белите дробови, воспаление на мозочната обвивка и парализа.
Труењето со храна не е шега и не треба да се третира како „руски рулет“ – или ќе добијам или не. Постојат огромни последици, а и да поминете полесно, зошто да си го расипувате одморот и да лежите во кревет, место да се сончате? Одречете се од еден хамбургер на плажа, во име на повеќе денови летно лудување.