Семејствата на настраданите деца од „Рибникар“ со тужба за родителите на Коста

Родителите на убиените и повредени ученици од основното училиште „Владислав Рибникар“ во Врачар подготвуваат тужби против таткото и мајката на момчето (13), кој го изврши масакрот во ова белградско училиште на 3 мај, дознава српскиот весник „Курир“.

Според добро упатен извор, родителите на настраданите веќе ангажирале адвокати, кои подготвуваат приватни тужби.

„Со оглед на тоа што момчето кое ги уби нивните деца не одговара кривично бидејќи немало навршено 14 години во моментот на делото, а не може да му се суди според законот, мајките и татковците на убиените и ранетите деца решиле да поведат постапка пред самиот суд“, вели изворот.

Адвокатката Славка Бабиќ за „Курир“ објаснува дека родителите имаат право да поднесат тужба против родителите на малолетникот.

„Во конкретниот случај се работи за граѓанска тужба поведена со тужба за надомест на нематеријална штета, која е регулирана со Законот за облигационите односи. Родителите одговараат според принципот на објективна одговорност – без разлика на нивната вина што се претпоставува во овој случај, и можат да бидат ослободени од одговорност доколку докажат дека штетата е предизвикана од виша сила, дека не можеле да ја предвидат или спречат, што во пракса е речиси невозможно да се докаже“ рече адвокатката.

Таа додаде дека странката која тужи во конкретниот случај може да го тужи и училиштето во кое се случило кривичното дело.

„Затоа, семејствата на оштетените можат да бараат надомест на нематеријална штета поради смрт на блиско лице од родителите на малолетникот, од училиштето и од самиот малолетник, под услов да е способен за расудување и да е постар од седум години“, вели таа.

Инаку, таткото на момчето е во притвор поради сомнение дека сторил кривично дело против општата безбедност бидејќи, како што се сомнева, го обучувал својот малолетен син да пука на стрелиште и не го обезбедил соодветно сефот во кои ги чувал пиштолите, за кои има дозвола. Мајката на момчето е на суд. Имено, против неа е поведена предистражна постапка за да се утврди дали можеби сторила кривично дело запуштање на малолетно лице.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

e