По шпионскиот скандал: Вучиќ не се плаши од средбата со Путин

Српскиот претседател Александар Вучиќ рече дека не гледа причина средбата со рускиот претседател Владимир Путин на 4 декември во Сочи да тргне наопаку и ако е потребно појаснувања, тој не бега од нив, објави Танјуг.

„Ако треба да разјасниме нешто, јас не бегам од тоа. Мојата совест е чиста како солза“, рече Вучиќ, одговарајќи на новинарско прашање за тоа што очекувал од средбата со Путин и дали тие ќе разговараат за аферата со шпионажа во Србија.

Вучиќ истакна дека тој е претседател на Србија и се очекува да ги брани нејзините интереси, што секогаш и прави.

Претходно оваа недела, Вучиќ нареди военот разузнавање да истражи можна шпионска афера во врска со видео објавено на „Јутјуб“ на 17 ноември во кое се тврди дека руски разузнавач давал пари на претставник на српските безбедносни сили.

Српскиот претседател ќе замине во Сочи со голема и сериозна делегација, затоа што средбата со рускиот претседател е многу важна. Тој додаде и дека го смета Путин за голем пријател на Србија.

Вучиќ истакна дека Русија може да биде горда на своето пријателство со Србија, потсетувајќи дека Србија е единствената земја која не воведе санкции за Москва и не гласаше против руските интереси на ниту еден меѓународен собир.

Ознаки: ,

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

e