Османи: Не само што Србија го условува дијалогот, туку не применува повеќе од 90 проценти од од потпишаните договори

Кандидатката на косовскиот Демократски сојуз за премиерка, Вјоса Османи изјави дека треба да се врати дијалогот меѓу Косово и Србија и најави дека дијалогот ќе биде главна тема на еден од следните состаноци меѓу претставниците на таа партија и Движењето „Самоопределување“.

Таа смета дека е важно Косово да покаже целосна посветеност за продолжување на дијалогот и уште еднаш да и докаже на меѓународната заедница дека „Косово отсекогаш било и ќе остане на страната која не условува дијалог, за разлика од Србија“, пренесува „Танјуг“.

Таа тврди дека не само што Србија го условува дијалогот, туку не применува повеќе од 90 проценти од потпишаните договори.

Ова, вели таа, укажува на тоа дека Србија е таа што го „дестабилизира регионот и не се залага за добрососедство“.

Таа потсети дека Демократската алијанса на Косово и Движењето „Самоопределување“ претходно споделија заеднички став за прашања за кои никогаш не може да се дискутира во Брисел и дека Косово треба да биде претставено во процесот на дијалог од страна на Владата на Косово.

Во интервју за „Радио Слободна Европа“, Османи истакнува дека главната задача на новата косовска влада ќе биде договорот со Србија да биде прифатлив за Косово, бидејќи „не е нивно да размислуваат каков договор би бил прифатлив за Србија“.

Косово, посочува таа, не може да се смета како шума од која Србија треба да земе нешто.

Таа верува дека на Србија и е доволно тоа што се дискутираше уште од почетокот, а тоа е да биде интегрирана во Европската унија.

Од тоа, додава таа, нема поголема корист за Србија, која таа ја обвинува за „предизвикување на сите војни во поранешна Југославија, за предизвикување стотици илјади жртви во поранешна Југославија, и за тоа дека сè уште не се извинила и ја продолжува својата политика за негирање на овие злосторства“.

„Затоа, нашиот одговор никогаш не треба да биде тоа што корист ќе има Србија од Косово. Србија може да има корист од ЕУ, но не и да добие нешто од Косово што би го претворило во целосно нефункционална држава или друга Босна [и Херцеговина], која денес има столче во Обединетите нации, но е целосно нефункционална“, рече Османи.

Османи, која неодамна беше во САД, вели дека Америка е клучна земја што му помогна на Косово и затоа смета дека не може да се постигне никаква добра зделка за Косово без „благослов“ на САД.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

e