Нереди во Русија: Стотици луѓе ја нападнаа полицијата, фрлен е солзавец

Активист за човекови права во руската република Башкортостан е осуден на четири години затворска колонија, откако судот го прогласи за виновен за поттикнување етничка омраза. Поради ова дошло до судири меѓу неговите приврзаници и полицијата, пишува Ројтерс.

Независните новински куќи на руски јазик објавија дека полицијата употребила солзавец и апсела откако избила тепачка со голема толпа луѓе кои се собрале за поддршка на активистот Фаил Алсинов. Се уште не се знае колку лица се приведени.

Алсинов е обвинет за навреда на работниците мигранти во говорот што го одржа минатиот април на протестот поради плановите за ископување злато во Башкортостан, лоциран во јужниот дел на Русија, во близина на границата меѓу Европа и Азија.

Неговите поддржувачи тврдат дека случајот против него е одложена одмазда за неговата улога во протестите пред неколку години во кои активисти успешно ги блокираа плановите за ископување на ридот, кој локалното население го смета за свето место.

„Голема благодарност до сите што дојдоа да ме поддржат. Ова никогаш нема да го заборавам. Не ја признавам својата вина. Отсекогаш сум се борел за правда, за мојот народ, за мојата република“, изјави Алсинов на новинарот од онлајн медиумот РусЊуз. по пресудата.

На видеата објавени на социјалните мрежи се гледаат стотици луѓе собрани во близина на судот во градот Бајмак, 1.380 километри источно од Москва. Некои извештаи велат дека ги имало неколку илјади. На социјалните мрежи се појавија снимки од конфликтот.

Големите протести во Русија се исклучително ретки поради ризикот од апсење на собири кои властите ги сметаат за незаконски. Илјадници луѓе беа приведени во последните две години поради противење на војната во Украина.

Башкортостан, претежно муслиманска република со 4,1 милиони жители, е еден од повеќе од 80 ентитети што ја сочинуваат Руската Федерација. Алсинов беше лидер на Башкорт, локално движење за зачувување на културата, јазикот и етничкиот идентитет на луѓето во регионот, кое беше забрането како екстремистичка организација во 2020 година.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

e